РЕГИОН

Албанија и Косово на историска седница за 110-годишнината од независноста

Албанија и Косово на историска седница за 110-годишнината од независноста

На 110-годишнината од прогласувањето на независноста Албанија и Косово ја одржаа првата заедничка собраниска седница. Премиерот на Албанија, Еди Рама изјави дека правата на Албанците во целина сè повеќе се унапредуваат.

„Односите меѓу Албанија и Косово денес веќе не се одлични само затоа што ние сме две земји разделени во две држави, но обединети со едно срце, туку тие се исто така и попродуктивни повеќе од кога било досега. Тоа го покажуваат фактите не само годишниот заеднички состанок меѓу двете влади, туку и со волјата за зголемувањето на способноста не само да се прифати, туку и да се спроведе во пракса соработката од заемен интерес“, рече Еди Рама, премиер на Албанија.

Рама зборуваше и за заедничките проекти меѓу двете земји, особено за новото пристаниште Порто Романо кај Драч кое ќе биде заедничко и инфраструктурно ќе се поврзе и со Приштина и со Струга. Косовскиот премиер Албин Курти порача дека двете земји треба почесто да бидат заедно, а не само при организирање на прослави.

„Треба да бидеме почесто заедно, не само во прослави, не само политичарите, треба да работиме заедно, да споделуваме идеи едни со други, да прифаќаме различни перспективи и критики еден со друг, затоа работиме заедно“, додаде Албин Курти, премиер на Косово.

Курти го истакна она што е заеднички проблем за двете земји, иселувањето на младите.

„Знам дека не одите таму за забава, но поради загриженоста знам дека сè уште не сме направиле доволно за да им ја вратиме довербата во институциите, во правдата, во државата, во политиката, за да можете да размислувате за вашите деца во татковината како најдобра опција. Но, ви гарантирам дека оваа битка ќе ја водиме до крај и ќе победиме со ваша помош. Албанија е средена, Косово е средено, краиштата каде што живеат Албанци во Северна Македонија, Црна Гора и Долината ќе се средат со помош на Албанија и Косово“, нагласи Албин Курти, премиер на Косово.

Претседателката на Собранието на Албанија, Линдита Никола рече дека подобрата соработка меѓу двете земји придонесува за напредок на албанската заедница на Балканот и ги прави регионот и Европа постабилни.

„Колку е поразвиена албанската заедница во регионот, толку ќе биде постабилен регионот и Европа. Албанија и Косово како два политички етникуми на Албанците на Балканот со аспирација кон евроинтеграциите, треба да ја споделат одговорноста, да ја материјализираат волјата на Албанците, да ги трансформираат државните граници меѓу двете земји, но и со соседните земји во формални граници“, изјави Линдита Никола, претседател на Собранието на Албанија.

Претседателот на Собранието на Косово, Глаук Коњуфца, рече дека виталните интереси на албанската нација полесно ќе се заштитат доколку Косово и Албанија останат блиску еден до друг.

„Светот денес е понесигурен од вчера поради рускиот напад врз Украина, чија цел се НАТО и ЕУ. Единствената земја во средината на Европа која денес останува поврзана со Русија е Србија. Србија воопшто не ја крие својата цел, а тоа е дестабилизација на Косово и „де факто“ поделба на нашата земја. Србија се бори со нас од внатре и надвор, без да бира средства – од дипломатија до финансирање и контролирање на групи кои се поврзани со криминалот во нашата земја. Колку Албанија и Косово се поблиску една до друга, толку полесно ќе ги заштитиме виталните интереси на нашата нација“, нагласи Глаук Коњуфца, претседател на Собранието на Косово.

Средбата на двете собранија ја поздравија и шефовите на пратеничките групи на Косово и на Албанија. За оваа седница, која партиите ја нарекоа историска, во дворот на Собранието беше отворена изложба со најважните моменти од прогласувањето на независноста на Албанија, а беше организиран и концерт со албански народни песни и ора./Alsat.mk

Шкелзен Аќифи

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button