Шпанците тврдат дека Баерн Минхен има договор со Зидан, Германците негираат

Откако стана јасно дека Баерн Минхен нема да го врати Јулијан Нагелсман, кој денеска го продолжи договорот со германската федерација и ќе ја води селекцијата и во 2026 година на Мундијалот, „Баварците“ наводно постигнале договор со легендарниот Зинедин Зидан, тврди „Мундо Депортиво“.

Зидан е без работа откако го водеше Реал Мадрид пред три години. Тој има работено само во таборот на „кралевите“. Иако чекаше шанса на клупата на Франција, сепак, до тоа не дојде. Исто така беше поврзуван и со некои големи клубови, меѓу нив и Манчестер Јунајтед, ПСЖ иЛиверпул, но не дојде до договор.

Зидан со Реал Мадрид освои три титули европски првак, и досега ги одбиваше сите понуди. Нејасно е зошто легендарниот француски фудбалер и тренер одбива понуди од големи клубови, и веќе три години е без ангажман.

Од друга страна, пак, германските медиуми ја сметаат оваа вест за невистинита, односно дека Зидан нема никаков договор со Баерн, и дека по откажувањето на Нагелсман, имаат друга намера. Веројатно станува збор за враќање на Ханс Флик, кој од друга страна очекува разврска на случајот „Чави“ во Барселона.

Се вчитува...