Дефиниција за роден шампион – Војдан Стојановски: Кога сите се сомневаа, само тој веруваше

МЗТ Скопје со одлична игра заслужено ја совлада Цедевита Олимпија и го зема првиот поголем скалп во АБА-лигата сезонава. По деветте порази во низа, ретко кој веруваше во една ваква голема победа. Ретко кој, можеби и само тој – Војдан Стојановски.

Капитенот на македонската репрезентација е лидер на овој тим на аеродромци, но покажа карактер кога во најавата за денешниот натпревар храбро изјави: „Според мене, МЗТ Скопје може да ги совлада сите противници во АБА до крајот на сезоната што ќе значи и остварување на зацртаната цел – опстанок“.

Можеби од прва многумина му фатија и сеир, ако се земе во предвид формата на аеродромци и начинот на кој го загубија последниот меч од Студентски Центар. Сепак, големиот македонски кошаркарски ас добро знае, дефиницијата за роден шампион е – секогаш да веруваш во себе и во својот тим. А Војдан го покажа тоа со изјавата, но и со играта на терен. Постигна 18 поени, надополнети со шест скока, две асистенции, четири украдени топки и дури седум изнудени прекршоци.

Одигра онака, лидерски од почеток до крај и без оглед на фактот дека Кефи ги постигна клучните поени, Војдан е денешниот МВП во големата победа. Борбата за опстанок продолжува, но со ваков карактер на главниот играч (со надеж дека ќе се пренесе и врз останатите), таа веќе не е невозможна мисија.

Се вчитува...