Последниот филм на Вес Андерсон, „Астероид сити“, во кој игра феноменалната актерска екипа: Брајан Кренстон, Тилда Свинтон, Џејсон Шварцман, Скарлет Јохансен, Маја Хок, Бил Мареј, Тони Револори, Том Хенкс и Маргот Роби, режисерот го продуцираше заедно со Џереми Досон и Стивен Рејлс, со кои претходно работеше на „Хотел Гранд Будимпешта“. За разлика од Холивуд, во кој доминира реализмот како филмска форма, па дури и најлудите фантазии и суперхерои изгледаат реалистично, а во филмовите не може да ги видиме камерите или екипите што работат на нив, Вес Андерсон е еден од малкуте режисери што не ја одбегнуваат оваа форма и сепак успеваат да направат популарни филмови.
Филмовите на Андерсон дефинитивно се разликуваат од филмовите на другите холивудски режисери, тој успева да ги раскаже своите приказни на поинаков начин. Од користење вистинско животинско крзно во „Фантастичниот господин лисец“ до претставување на сцените како приказна, филмовите на Андерсон потсетуваат на епистоларните романи од 19 век, во кои приказната е раскажана како збир од писма. Карактеристична естетика, разигран наративен стил, ексцентричност во фокусот на приказната и куп актери од А-листата на познати личности – ова се заеднички карактеристики на речиси сите филмови во режија на Вес Андерсон. Веќе култен американски режисер, Андерсон е познат по високостилизираните филмови што често губат допир со реалноста, а потоа се враќаат во „нашиот“ свет со брза акција и дијалози.
Заштитен знак на Андерсон се дозата на меланхолија во неговите филмови и речиси секогаш беспрекорниот музички саундтрак. Вес Андерсон е посебна личност, која во Холивуд успеа да се избори за слободата да создаде неверојатни приказни за прекрасни чудаци, кои хармонично ги вклопуваат нивната маргиналност и посебност во еднакво сложени микрозаедници.
Неговите приказни се проникнати со емпатичен хумор и се натопени во необичен копнеж со интересен третман на егзистенцијални мотиви. Покрај живописните ликови, филмовите на Андерсон се одликуваат со богати бои, симетрични композиции, нагласена изместена атмосфера и брзи и движечки дијалози со духовити игра на зборови. Андерсон со своите филмови седум пати беше номиниран за „оскар“.