„Најновиот циклус птици се одликува со едноставност, црно-бел цртеж, репетитивен систем на пристап кон темата, но различна ‘акција’ на линеарно обликуванaта птица. Трансформациите, асоцијациите и симболиката на ликовните елементи и концепцијата чинат композицијата во делата на Масин да биде динамична, концентрирана, надреална, експлозивна, забавна, потсмевлива, цинична“, посочуваат од Галеријата „Ел Греко“

Нов циклус слики на тема птици претстави познатиот сликар Мирослав Масин пред македонската јавност, на самостојната изложба што беше отворена викендов, во Галеријата „Ел Греко“ во Скопје.

„Најновиот циклус птици се одликува со едноставност, црно-бел цртеж, репетитивен систем на пристап кон темата, но различна ‘акција’ на линеарно обликуванaта птица. Трансформациите, асоцијациите и симболиката на ликовните елементи и концепцијата чинат композицијата во делата на Масин да биде динамична, концентрирана, надреална, експлозивна, забавна, потсмевлива, цинична“, посочуваат од Галеријата „Ел Греко“.

Анималните тематики, како и птиците, се провлекуваат низ целиот негов опус. Птиците беа мотив и за неговата голема изложба во МАНУ, во 2019 година „Подобро на гранка одошто заглавен во лифт“, проследена со слоганот „Пердуви ќе летаат“. Птиците се актуелни и во неговиот последен циклус цртежи, кој во моментов се изложува во галеријата „Ел Греко“. И како што велат оттаму, овој пат не летаат пердуви, туку „паѓаат јајца на око“!

„Френетичниот и динамичен, но сигурен цртеж е постојано присутен во неговите дела како скелет, структура и база во неговите композиции. Вториот мошне значаен елемент во неговото творештво е и заситената, интензивна и експресивна боја, која во овој циклус го нема приматот. Тука, таа е само монохроматски присутна, во еден тон, кој дава колористички акцент и симболична асоцијативност“, истакнуваат од галеријата.

Инаку, да потсетиме, на изложбата во МАНУ под слоганот „Пердуви ќе летаат“ беа поместени стотина дела на тема птици или како што рече авторот, точно 97.

Прашан зошто птици, Масин за весникот ВЕЧЕР тогаш одговори дека, всушност, и кога бил студент на Академијата, почнал да црта птици, а потоа се прославил со мајмуните.

„Вујко ми, Бора од Ниш, беше гулабар, птичар и секогаш кога ќе одев кај баба ми и кај вујче, земав по некоја птица, дали канаринец или штиглици. Цел живот сум чувал птици. И, веројатно, ако се бара некоја генеза или Фројд, можеби оттаму е прапотеклото на овие птици“, рече тој.

Масин има дипломирано во 1988, на отсекот за сликарство на ФЛУ, кога стартува со самостојните изложби. Уметничката кариера ја започна под влијание од експресионизмот на Петар Мазев, а под менторство на Димитар Кондовски, Родољуб Анастасов и на Душан Перчинков, за кои тој вели дека биле одлична комбинација и рамнотежа на ред, конзистентност, слобода и ерудитство. Досега има остварено повеќе од педесет самостојни изложби во Џенова, Париз, Стразбур, Берлин, Лондон, Белград, Скопје, а има изработено и над 25 инсталации и перформанси како „Кафез“, „Мајмун-човек-банана“, „Миро и Емил“, „Цивилизација“…

За креативноста, односно за тоа дали човекот твори подобро кога го мачи нешто или кога е среќен, Масин за нашиот медиум рече: „Мене ништо не ме тишти, нормално, освен секојдневните нервози ако заглавам на семафор или во лифт или ако госпоѓа мама ме изнервира малку, но тоа се минорни секојдневни работи. Речиси и да не се нервирам. И само уште нешто да ви кажам, летај, народе мој, летањето е прекрасна работа. Да биде само опуштено, како птицата што е“. (Н.И.Т.) (Фото: Ѕ.Плавевски)