Први на списокот „Вреди“ и ЗНАМ: Мицкоски ги започнува преговорите за нова силна и стабилна Влада

Први на списокот „Вреди“ и ЗНАМ: Мицкоски ги започнува преговорите за нова силна и стабилна Влада

Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ќе имаат и повеќе од стабилна Влада, блиска и до двотретинско мнозинство. ДУИ речиси сигурно заминува во опозиција, а во владината коалиција ќе биде здружената албанска опозиција „Вреди“. Според познавачите се очекува дел од мнозинството да бидат и шесте пратеници на ЗНАМ на Максим Димитриевски.

-Онаа коалиција која што ја говоревме и пред изборите дека е најверојатна, тоа е ВМРО-ДПМНЕ со Вреди и најверојатно со ЗНАМ на Максим Димитриевски, со што би се обезбедило мнозинство не само што е стабилно, туку што е многу многу блиску до двотретинско во следниот Парламент, изјави Божиновски.

На истиот став е и политичкиот аналитичар Александар Ристевски. Според него тоа веќе е очигледно и најавувано во сите можни комбинаторики.

-И од страна на најголемата победничка партија посакувани партнери се пред се албанската опозиција со ВЛЕН со 13 пратеници. Автоматски таа потенцијална Влада би имала 71 пратеник и би имала, и би имала и повеќе од стабилност. И тука мислам дека е како опција шесте пратеници на Максим Димитриевски, со тоа што со таа некаква комбинаторика би се приближиле и до моментот на 80 пратеници, изјави Ристевски.

Со цел засилување на мнозинството според Ристевски, можно е Мицкоски да тргне во преговори со пратеници и кои се дел од коалицијата на ДУИ, бидејќи според нив добар процент од нив воопшто и не се дел од интегративците, туку од други партии.

-Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ќе се потрудат во таа кошница од гласови да земат уште некој претставник, јас мислам дека и од коалицијата на ДУИ. Затоа што ние цело време велиме ДУИ, ДУИ, ДУИ. ДУИ во тие 19 пратеника мислам дека можеби 35-40 проценти не се нивни пратеници, така да мислам дека дел од таа структура дека ќе се издвои и ќе се обиде да влезе во владината структура, изјави Ристевски.

И според Божиновски таа варијанта е и повеќе од можна, бидејќи станува збор за нова коалиција, а во неа и кадри кои претходно беа дел од Владите и на СДСМ, но и на ВМРО-ДПМНЕ.

-Зависи и самиот однос кој што го имаат внатре во таа коалиција. Таа коалиција е релативно нова, се формираше пред изборите, најголем дел од тие партии беа претходно во коалиција со СДСМ, ако не се лажам дел од нив беа и во претходната Влада и на ВМРО-ДПМНЕ. Така да не можам тоа да го исклучам, но се зависи на која основа се поставени самите односи помеѓу ДУИ и помалите коалициски партнери, вели Божиновски.

Инаку, од Европскиот фронт на ДУИ, кој доби 19 пратеници, дури 9 се од коалиционите партнери, а еден од оние кои влезе е и Муса Џафери, кој беше дел од партиската фракција, па подоцна повторно се врати во јатото на Али Ахмети.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста

COMMENTS

Wordpress (0)
Disqus ( )