Силјановска мафта со Хашките случаи, за ДУИ тие закани се „пакосни игри“


Продолжуваат реакциите по говорот на кандидатката за претседател, Гордана Силјановска Давкова, во кој се осврна на војната во 2001. Иако Силјановска пред првиот круг најави дека ќе ги отвори повтори Хашките случаи и ќе им даде медали на бранителите, таа изјава очигледно сега стана податлива за препукување – бидејќи им носи гласови и на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ.

Околу говорот на Силјановска прво се огласи и министерот за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби. Тој порача дека се работело за неодговорни политичари и повика сите да гласаат за Европскиот фронт за да престанат, како што рече, пакосните игри кои правеле поделби – како да е Македонија повторно пред 2001-та и како да водат битка за права, а не за фотелји. 

„Ова го носат неодговорните политичари. Затоа, гласот на целиот албански народ, вклучително и оние кои гласаа за опозицијата, и заедниците, мора да се построи зад Али Ахмети и Европскиот фронт за ВМРО да нема никаква шанса да си игра со судбината на Албанците. ОВК, другите заедници, медиумите, граѓанското општество, администрацијата и земјата. Вашиот глас за Европскиот фронт го блокира ВМРО и го запира нејзиниот моментум. Ајде да ги спречиме овие пакосни работи кои предизвикуваат поделби, сите гласот да го дадат на Али Ахмети – Европскиот фронт со 30 пратеници, па потоа да видиме како ќе се однесуваат“, напиша Груби на социјалните мрежи.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, пак за ТВ 21 повика на внимателност во однос на изјавите поврзани со воениот конфликт од 2001 година.  Ахмети го окарактеризирал за грешен потегот на оние кои, како што рекол, се обидуваат да гребат по минатото и да отвораат страници што не се отвораат и оценил дека сето ова е во интерес на изборната кампања.

„Според кандидатката за претседател и како професорка по меѓународно право, Ослободителната народна армија (ОНА) треба да одговара затоа што ја извојувале слободата. Борците на ОНА беа борци за слобода, а не платеници и дезертери, се изборија за своите права, потпишаа Меѓународен договор со НАТО, со ЕУ, со САД, потпишан и од тогашниот претседател Борис Трајковски и од мене како главен командант на ОНА“’, рекол Ахмети во изјава за ТВ 21.

Лидерот на ДУИ додал оти сите треба да бидат свесни и внимателни во однос на изјавите поврзани со 2001 година и настан, воен конфликт, кој се случи пред отприлика четврт век.

„Неколку пати сум кажал минатото е болно и не треба да се заборави, но не треба да ни се повтори“, порачал Ахмети.

На синоќешниот митинг на Гордана Силјановска-Давкова од Куманово  таа, меѓу другото, алудирајќи на воениот конфликт од 2001 година, рече дека некои дела, т.н. дела против човештвото, никогаш не застаруваат.

На изјавата на претседателската кандидатка поддржана од ВМРО-ДПМНЕ реагираше и лидерот на Демократско движење, Изет Меџити, чија партија е дел од коалицијата „Вреди“ на опозициските партии на Албанците. Порача оти со вакви изјави Силјановска-Давкова нема да може да ја добие поддршката од втората заедница во државата.

Практично и на овие избори национализмот најдобро поминува  и никој не сака да се занимава со теми како образование, економија, здравство и слично бидејќи тука не може да се продава магла.