Каде е излезот од високите цени во маркетите?
Граѓаните преку социјални мрежи организираат бојкот на маркетите, по примерот на Хрватска. Таму, граѓаните бојкотираа еден ден, но потоа се по старо. Слични акции најавија и во Црна Гора и во Босна и Херцеговина. Но, како и да е, бојкотот може да биде некаков сигнал, но не е решение за високите цени во маркетите, бидејќи, тоа што ви е неопходно, ако не го купите денес, ќе го купите утре.
Македонската влада очекува стабилизација на цените на производите, на долг рок, со помош на Законот за нефер трговски практики, кој е во сила.
Според Министерството за економија, намалувањето на цените во дел ќе влијае за стабилна инфлација и со тоа ќе се подобри животниот стандард на граѓаните. Сепак од таму признаваат дека овој Закон за нефер трговски практики директно не ги регулира цените, а очекуваат само индиректно да влијае врз нив.
„Сметам дека ништо нема да се реши со овој закон. Мислам дека треба државата да најде поригорозно решение кое директно ќе влијае врз цените“, ни изјави еден граѓанин.
Според Законот, трговците треба да ги усогласуваат договорите за снабдување меѓу добавувачите и производителите. Во нив трошоците за рабат и други маркетинг трошоци се ограничени на 10%, а кои, според досегашната пракса изнесувале од 20% до 35%. Рабат е разликата во набавната и продажната цена, но трговците додаваат и маржа.
Законот предвидел дека контролата за нефер трговски практики, ќе ја има Комисијата за заштита на конкуренцијата, која може да изрекува прекршочни казни, но процедурата е компликувана и долга, а трговците снаодливи. Така што „игрите“ со цените на релација производители – трговци – потрошувачи, ќе продолжат.
Платите ја губат трката со цените
Оние граѓани со минимални плати веќе подолго време „бојкотираат“ супермаркети. Пазарат само тоа што им е неопходно.
Сојузот на синдикати на Македонија објави дека вредноста на минималната потрошувачка кошница за јануари изнесува 63.252 денари. Или, за една година поскапела за 6.000 денари, ако се спореди со јануари минатата година.
Минималната плата во Македонија е 22.567 денари (367 евра).
Ако двајца возрасни во семејството земаат минимална плата, тие можат да купат едвај половина од основните производи. Според статистиката, ќе им недостигаат уште 18.000 денари за да го да го „протуркаат“ месецот.
Поради тоа, Синдикатот бара минималната плата да се зголеми на 450 евра. Стопанската комора на северозападна Македонија предложи минималната плата да биде 500 евра, но придонесите за вработените да останат исти, на ниво на сегашната минимална плата.
Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека Владата ќе прифати се за што ќе се договорат работниците и работодавачите. Но, тие тешко дека ќе се договорат.
Организацијата на работодавачи смета дека ако минималната плата биде 500 евра, тогаш и сите останати плати во државата треба да се зголемат за 25 отсто.
„Тоа е невозможна работа“, вели Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи.
Според Виктор Митевски, извршен директор на Здружението за истражување и анализи, реално спроведлива опција е минималната плата да се зголемува постепено, системски, како што се пресметуваше последниве неколку години, во согласност со растот просечната плата и инфлацијата.
„Ад-хок зголемување на минималната плата би бил само уште еден популистички потег кој може да донесе повеќе штета, отколку бенефит“, оценува Митевски.
Бојкот од град Скопје на општина Шуто Оризари или незаконско работење на градоначалникот Курто Дудуш?
Популарната скопска населба „Шутка“ се дави во отпад, диви депонии има на речиси секоја улица, а градоначалничката на Скопје Данела Арсовска и градоначалникот на Шуто оризари Курто Дудуш се надмудруваат преку медиуми кој е виновен. Си поднесуваат кривични пријави, но проблемот, кој станува опасен по животот на локалните жители, не го решаваат.
Погледнете ја видео репортажата.
„Гори“ и во Јавното сообраќајно претпријатие во Скопје
Жителите на Шутка се жалат и на нередовен јавен превоз. Но, ЈСП има многу поголем проблем. За седум месеци се запалија четири автобуси. Извештаите на ЈСП покажуваат дека ретко се прават ремонти, а вработените и за антифриз бараат одобрение од директорот.
„Со резервни делови сме слаби, ама со стравови големи штом седнеш зад волан“, вели за Радио Слободна Европа 63 годишен возач во ЈСП.
„Автобусите се стари, ама не се до толку, се сеќавам и постари автобуси сме возеле, ама биле одржувани, а не како сега. Ние редовно пријавуваме дефекти, ама кој го проверил и средил дефектот без потребните делови и го пуштил пак да врти, тоа не знам“, вели тој.
Дел од патниците кои ги анкетиравме на автобуската постојка во центарот на градот, велат дека со страв се качуваат во автобус, но немаат друга алтернатива за да стигнат до работа. Тие сведочат дека многу пати им се случило да задоцнат на работа поради дефект на автобусот.
Претседателот на независниот синдикат на ЈСП, Африм Муча, вели дека само во последниве две години по десетина автобуси дневно се пријавуваат во диспечерски центар за одреден дефект.
„Така е секој божји ден, може да се случи и 10, а понекогаш и 30 во еден ден, затоа што се стари возилата, мора да се јави некој проблем“, објаснува тој.
Професорот Никола Крстановски од Техничкиот факултет смета дека решението за скопскиот јавен превоз лежи во парите.
„Очигледно дека претпријатието не е во состојба финансиски да ги следи потребите за секојдневното работење во јавниот градски превоз“, смета Крстановски. Решението, според него, треба да се гледа во две насоки. Долгорочно, со капитални инвестиции, и краткорочно, со реорганизација на автобуските линии.
Сезона на грип - Како да го препознаете и како да се заштитите?
Амбулантите низ целата земја се преполни со пациенти кои се жалат на симптоми на грип. Лекарите предупредуваат дека бројот на заболени ќе расте, а пикот на вирусот се очекува во втората половина на февруари. Погледнете како да го препознаете грипот и уште поважно, како да се заштитите.
Падна владата на Србија, протестите продолжуваат
Оставката на српскиот премиер Милош Вучевиќ можеби не е доволна за ставање крај на студентските протести во Србија, кои започнаа по катастрофата на железничка станица во Нови Сад во ноември кога загинаа 15 лица.
Ситуацијата е таква и покрај тоа што оставката на Вучевиќ беше меѓу првичните барања на демонстрантите, но и на градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ кој исто така на 28 јануари поднесе оставка од функцијата.
Оставките доаѓаат по изјавите на претседателот Александар Вучиќ на 27 јануари, кој рече дека сите барања на студентите ќе бидат исполнети. Се чинеше дека Вучиќ се обидува да ја смири ситуацијата додека протестите се прошируваа на национално ниво.
Има четири главни барања: објавување на сите документи за реконструкцијата на железничката станица во Нови Сад, отфрлање на обвиненијата против студентите уапсени за време на првичните протести, обвиненија против луѓето кои ги нападнаа студентите кои протестираа и 20 проценти зголемување на владиното финансирање на државните универзитети.
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека сите барања се исполнети.
По оставката на владата, според српскиот Устав, таа ќе остане на функција 30 дена додека парламентот не ја одобри новата влада. Доколку тоа не се случи, Вучиќ мора да распише нови парламентарни избори.
Опозициските партии побараа да се формира привремена влада, која би организирала избори, на што се противи владејачката Српска напредна партија на Вучиќ.
....................................................
*Доколку сте заинтересирани за добивање на њузлетерот на вашиот мејл, секој петок, пријавете се ТУКА. Можете и да им го препорачате на пријателите. За сите сугести и забелешки можете да ме контактирате на мејл Nakevl@rferl.org