До крајот на мај нов собраниски состав, нова Влада во јуни

Според податоците од Државната изборна комисија, на обработени над 99 проценти од гласовите, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во новиот собраниски состав ќе имаат 58 пратеници, Европски фронт на ДУИ 19, Коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ 18, албанскиот опозициски блок Вреди 13, а Левица и Движење ЗНАМ – За наша Македонија по 6 народни избраници. Најмногу пратеници на победничката коалиција им носат третата и четвртата изборна единица – 14 и 13, во единицата и во петката имаат по 10, во двојката – 8, а во ИЕ 6 победничката колација има тројца пратеници. Според Уставот, новоизбраниот парламент се состанува на седница најдоцна 20 дена по изборите. Седницата ја свикува претседателот на Собранието од претходниот состав, во случајов Јован Митрески. Ако тоа не се случи, тогаш пратениците сами се состануваат да го состават собранието на 21 ден од денот на завршување на изборите.

906

Убедлива и неспорна победа извојува коалицијата Твоја Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ на единаесетите парламентарни избори во земјава што се одржаа во неделата. Според податоците од Државната изборна комисија, на обработени над 99 проценти од гласовите, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во новиот собраниски состав ќе имаат 58 пратеници -431.251 глас (43,23%), Европски фронт на ДУИ 19 – 137.486 гласа (13,78%), Коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ 18 – 153.250 гласа (15,36%), албанскиот опозициски блок Вреди 13 – 106.991 гласа (10,72%), а Левица – 67.338 гласа (6,75%) и Движење ЗНАМ – За наша Македонија – 55.539 гласа (5,57%) по 6 народни избраници. Останатите партии и коалиции кои учествуваа на изборите имаат под еден процент гласови.

Најмногу пратеници на победничката коалиција им носат третата и четвртата изборна единица – 14 и 13, во единицата и во петката имаат по 10, во двојката – 8, а во ИЕ 6 победничката колација има тројца пратеници. Нивниот главен политички ривал, коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ, во првата изборна единица има 3 мандати, ДУИ, Левица и Вреди имаат по две пратенички места, а ЗНАМ има еден мандат.

Во Изборна единица два, ДУИ има 4, Вреди – 3, а СДСМ и ЗНАМ освоија по две пратенички места, додека Левица има еден мандат.

Во тројката, пак, СДСМ има само 4 пратенички места, а Левица и ЗНАМ имаат по еден мандат.

Во ИЕ 4 води СДСМ има 5 пратеници, а Левица и Знам исто така имаат по еден мандат.

Во петката, ДУИ има 4, СДСМ е со три освоени места, а Левица, Вреди и ЗНАМ имаат по еден мандат.

Во Изборна единица 6 најмногу пратеници има ДУИ, односно 9, а по него со 7 пратенички места се Вреди. СДСМ таму едно пратеничкио место.

Мандатот на новиот собраниски состав треба да биде верификуван од ДИК, и почнува да тече од конститувната седница на Собранието. Според Уставот, новоизбраниот парламент се состанува на седница најдоцна 20 дена по изборите. Седницата ја свикува претседателот на Собранието од претходниот состав, во случајов Јован Митрески. Ако тоа не се случи, тогаш пратениците сами се состануваат да го состават собранието на 21 ден од денот на завршување на изборите.

Мандатарот во рок од 20 дена му поднесува програма и го предлага составот на новата Влада за која ќе има расправа, а потоа и гласање во Собранието, по што се формира новиот владин кабинет и новите министри. Се очекува целата процедура да биде завршена до крајот на овој, односно почетокот на идниот месец и Македонија да добие нова влада.

Пратениците во Собранието се избираат за време од четири години. Мандатот на пратениците во Собранието може да се продолжи само во случај на воена или вонредна состојба. Со закон се утврдува неспојливоста и неизбирливоста на функцијата пратеник во Собранието со вршење на други јавни функции или професии. Собранието се распушта ако за тоа се изјасни мнозинството од вкупниот број пратеници.

Право на глас на парламентарните избори имаа 1.815.350 граѓани запишани во избирачкиот список. Се гласаше согласно пропорционалниот модел во шест изборни единици. Гласање за парламентарните избори во дијаспората не се спроведе бидејќи немаше доволен број пријавени наши државјани. (В.С.Н.)