Започнува асфалтирање на четири улици во село Драчево

62

Во селото Драчево од денеска започнаа градежни активности за реконструкција на улиците: „Корџевска”, „Домазетовска”, „Мишевска” и „Чучевска”.

Од Општина Кисела Вода информираат дека овие четири сообраќајници претходно биле опфатени со проектот за изградба на водоводна мрежа, која на жителите од овој дел на општината после декади чекање, им обезбеди квалитетна вода за пиење. Во наредните денови ќе се врши гребење и подготовка, по што ќе следи асфалтирањето. Се работи за површина од околу 6.000 квадратни метри.

-Заокружуваме еден поголем проект кој обезбедува квалитетна подземна и надземна инфраструктура за жителите од селото Драчево. Пред само една седмица, го асфалтиравме и потегот околу црквата „Свети Спас” во селото Драчево, на површина од околу 1.600 квадратни метри – изјави градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.

Според него, унапредувањето на условите за живеење во сите населби и населени места со плански и целосен начин на работа и понатаму ќе биде стратегија кон која Општина Кисела Вода и тој како градоначалник ќе продолжат да се стремат.

-Инвестирањето во вакви проекти продолжува низ цела Кисела Вода се до целосно надминување на проблемите со кои нашите жители се бореле со децении-истакна Ѓорѓиевски.