Западот мора да сфати дека ерата на мир во Европа е завршена

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитриј Кулеба ја пофали одлуката на американскиот Сенат кој го одобри пакетот за нова финансиска помош за Украина, но предупреди дека тоа нема да биде доволно за да се направи разлика на бојното поле.

„Алелуја“, изјави Кулеба во ексклузивно интервју за „Гардијан“ во средата.

„Ниту еден пакет не може да ги запре Русите“, додаде тој. „Она што ќе ги спречи Русите е обединет фронт на цела Украина и сите нејзини партнери“.

Според портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, без оглед на оружјето и муницијата што САД и нивните сојузници ќе го испратат во Киев, нема да ја промени „динамиката на линијата на фронтот“, каде руските сили постигнаа значителен напредок во последните недели. Единственото нешто што ќе направи новата американска помош е само убивање на повеќе Украинци, рече Песков.

Кулеба го повика Западот да го засили военото производство, бидејќи на Украина и снемува воздушна одбрана, а Русија имаше предност од десет спрема еден во артилериските гранати.

„Кога гледам што постигна Русија во градењето на својата одбранбена индустриска база за две години од војната и што постигна Западот, мислам дека нешто не е во ред од страна на Западот“, рече Кулеба. „Западот мора да сфати дека ерата на мир во Европа е завршена“.

Украинскиот министер за надворешни работи ги повика сојузниците на Киев да се префрлат од „изразување сочувство до Украинците и ветување дека ќе помогнат во закрепнувањето на земјата, со давање повеќе оружје и муниција“.

Додека Кулеба изрази оптимизам за ситуацијата во Киев, украински војници кои разговараа со Фајненшл тајмс викендов изгледаат песимистички. „Американската помош може да помогне да се успорат Русите, но нема да ги спречи“, изјавија неколку офицери за медиумот. Ниту една количина западно оружје и муниција не може да го реши недостигот на војници во Киев, додаваат тие.

Во меѓувреме, портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, посочи дека САД ги користат Украинците како „топовско месо“ и се надеваат дека ќе го задржат Киев на апарати за одржување до после претседателските избори во ноември. На крајот, рече таа, САД ќе се соочат со „гласно и понижувачко фијаско на исто ниво како со Виетнам или Авганистан“.