Полска ја зајакнува границата со Белорусија и планира да ја зајакне границата со Русија

 Полска почна да поставува уште поголем број метални бариери долж границата со Белорусија за да ја спречи илегалната миграција и планира да ја зајакне границата со Русија, соопшти денеска полското Министерство за одбрана.

Полскиот министер за одбрана, Владислав Косињак-Камис, рече дека зголеменото присуство на полските и сојузничките воени сили во регионите во близина на границата, исто така, помага за заострување на контролата на источните граници на НАТО и на Европската Унија.

Во интервју за приватното полско радио „Зет“, тој се заложи Полска да изгради линија од одбранбени бункери и ровови долж таа граница, како и по должината на границата со руската ексклава Калининград, што балтичките држави веќе го направија.

Полските власти тврдат дека бранот илегална миграција од Белорусија е оркестриран од таа земја и Русија за да ја дестабилизираат Полска, сојузник на Украина, како и целата ЕУ. Во голема мера бранот беше запрен со метална бариера што Полска ја заврши минатата година, но некои илегални премини продолжуваат.