Лазаревски: „Габаритот“ ќе биде наш адут, противникот има брзи, но не и премногу крупни ракометари

Македонските ракометари отпатуваа за Фарските острови, каде утре против оваа селекција ќе го одиграат првиот дуел од двомечот за пласман на СП 2025.

„Црвено-жолтите“ повеќе од една деценија се редовни учесници на сите големи ракометни натпреварувања, серија што избраниците на Кире Лазаров ќе се обидат да ја продолжат и со успех на овој двомеч со Фарските Острови.

„Не обрнував преголемо внимание на ждрепката бидејќи без разлика кој противник ќе го добиеме, ние сонуваме за пласман на уште едно светско првенство. Тоа е најголем мотив за сите нас на овој двомеч, апсолутно желбата е на највисоко ниво да стигнеме до нов пласман на големите натпреварувања, да го одржиме тој континуитет“, вели Милан Лазаревски, пивотот кој игра во одлична форма во дресот на Вардар.

Брзината е главен адут на противникот, но Лазаревски верува дека Фарските острови имаат и слаба страна што нашиот состав ќе треба да ја искористи.

„Она што можам да го кажам за противникот е дека има играчи кои се исклучително потковани од технички аспект. Брзи се и полетни, но притоа се и со мала конституција. Тука ние ќе ја бараме нашата шанса, бидејќи ние во споредба со селекциите на последното ЕП можеби немавме доволно „габарит“, но против Фарските Острови тоа може да биде наш значаен адут. Секако дека гледаме шанса за позитивен резултат и наш пласман на светскиот шампионат“, оптимист е Лазаревски.

Македонија на последниот официјален меч триумфираше над Швајцарија во последната рунда од групната фаза од ЕП 2024, тој триумф еуфорично беше прославен во Берлин, но ракометарите се свесни дека во следните денови се врти нов лист.

„Секоја победа е добредојдена, ние навистина уживавме во моментот по триумфот над Швајцарците, но немаше многу време за размислување и еуфорија. Го оставаме тоа зад себе, не ги земаме во предвид претходните успеси или неуспеси за да влијаат на нашите подготовки и нашиот настап против Фарските Острови“, вели големиот борец во дресот на македонската репрезентација.

Се вчитува...