“Технологија за тебе“: Матурантите на ФЕИТ се натпреваруваа во примена на микропроцесорски системи

- Advertisement -

Средношколци од десет средни училишта за техничко образование од Македонија, вчера на Факултетот за електротехника и информациски  технологии (ФЕИТ) се натпреваруваа во практична примена на знаењата преку употреба на развојни микропроцесорски системи. Натпреварот е во рамките на проектот „Технологија за тебе“ организиран од  Логинг Електроникс со ФАБЛАБ, кој вклучува и работилници, каде средношколците претставуваат проекти на кои работеле во текот на училишната година, додека нивните професорите следат обуки и предавања организирани од Факултетот. Целта е промоција на електротехниката преку обезбедување техничка и професионална поддршка на учениците и професорите.

„Технологија за тебе“ годинава се одржа по седми пат. Оваа традицијата ги спојува потенцијалните студенти со Факултетот и со бизнис заедницата и успешно ги промовира условите за студирање на ФЕИТ. Деканот на ФЕИТ проф. д-р Владимир Атанасовски на настанот гледа како можност да ги мотивираат матурантите да одберат студии на ФЕИТ.

- Advertisement -

„Преку промоција на овие активности Факултетот ги презентира лабораториските капацитети и можностите за практична работа пред заинтересираните матурантите. Со учество на  ‘Технологијата за тебе’ младите се запознаваат со современата опрема во ФЕИТ ФАБЛАБ и практично преку интердисциплинарен пристап нивната идеја да ја развијат во прототип. Имаме одлична соработка со стопанството, а со настанот и практично ги спојуваме наставата, науката и нејзината апликација во развојот на прототипови“ , вели проф. д-р Владимир Атанасовски.

Директорот на Логинг електроникс Златко Крстевски, кој е партнер на проектот од неговото основање пред 7 години потенцираше дека проектот е отворен за нови партнери кои ќе сакаат да вложат во знаењето на средношколците кои покажуваат големи знаења и разбирање за технологијата.

- Advertisement -

„Верував во знаењето што го имаат учениците и знаев дека нема да биде проблем да ја совладаат технологијата, која последните години стана лесно достапна. Ако претходно ја имаа само на факултет, сега оваа технологија овозможивме да е достапна и во средните училишта. Во соработка со ФЕИТ обезбедивме и поддршка за наставниците, и еве седум години подоцна, денес имавме презентација на ученици кои развиле дел од паметен автомобил. Целта ни е да ги задржиме овие деца тука, да дознаат дека тука има услови да ги творат идеите и да ги реализираат во корист на сите. На нас е да им обезбедиме достапност на опрема, а на професорите да ги заинтересираат да одат на вежбите, и гледаме дека тоа дава резултати“, вели директорот на Логинг електроникс Златко Крстевски.

За натпреварувачкиот тим Андреј Даневски и М.С. од СЕТУЦ „Михаило Пупин“ натпреварот отвора нови видици за нивните идни можности.

- Advertisement -

„Натпреварот ми овозможува да ги употребам моите вештини и знаења за забава и натпревар во категории за кои немаме многу можности во нашата држава. Ми овозможи и предвреме да го искусам студентскиот живот на овој кампус и ме убедува сериозно да ја размислам шансата за продолжување на моето образование на овој факултет“, рече М.С.

Тимовите работеа на развој на протипи на автономни возила кои сами се движат и распознаваат бои.

“Работите кои ни се дел од натпреварот веќе ги имаме совладано во нашето училиште и од тој аспект ние сме подготвени за ФЕИТ или друг сличен факултет“, додава Андреј.

ФЕИТ е единствен факултет во земјава со германска акредитација на додипломските студии и најголем број на научно истражувачки проекти во државата.

Сподели!
- Advertisement -