Французите размислуваат за преместување на „Мона Лиза“

од Nikola Popovski

Министерството за култура на Франција размислува да ги подобри условите за изложување на сликата „Мона Лиза“ на Леонардо да Винчи во музејот Лувр во Париз и да ја премести во посебна сала, соопшти денеска директорката на тој музеј, Лоренс Де Карс.

Мона Лиза е во т.н. „државна сала“, најголемата во Лувр, спроти најголемата слика во тој музеј „Свадбата во Кан“ од Паоло Веронезе, а покрај другите слики на големите венецијански мајстори од 16 век.

Де Карс за радиото „Франс Ентер“ изјавила дека мисли дека „Мона Лиза“, која е една од најпознатите слики во светската историја на сликарството, заслужува посебна просторија, само за неа.

„Не сме задоволни од начинот на кој е прикажана „Мона Лиза“, па во соработка со Министерството за култура размислуваме за подобрување што ми се чини неопходно“, рекла таа.

Де Карс додала дека 80 отсто од посетителите кои доаѓаат во Лувр, а во 2023 година биле скоро девет милиони вкупно и повеќе од 20.000 дневно, доаѓаат да ја видат „Мона Лиза“, што е притисок врз инфраструктурата на музејот и влијае на безбедноста на посетителите и експонатите.

Затоа бројот на посетители е ограничен на 30.000 дневно и истиот ќе биде и за време на летните олимписки и параолимписки игри во Париз.

Слични содржини