„Ние сме култура на заборавот. Да се памети, во една култура како нашава која интензивно подлежи на заборав, е скапоцено. Со монографијата и со одлуката за именување на големата сцена на Драмски театар со името на неговиот основач и стратег, Ристо Стефановски, се пркоси токму на културата на заборавот“, истакна промоторката Искра Гешовска, на свеченоста по повод одбележувањето на Светскиот ден на театарот – 27 Март. Директоркaта на Драмски, Викторија Рангелова-Петровска, пак, посочи дека неговата визија, умешност и сеопфатна посветеност, им овозможи на соработниците и вработените во Драмски, по секој постигнат успех да зрачат со гордост

 

„Успехот на Драмски под раководство на Ристо Стефановски, за останатите театри беше провокација за натпревар. Се обидуваа да го стигнат, но никогаш не успеаја да го престигнат. Денес, некои од нашите колеги од другите театри на шега го нарекуваат Драмски „домаќински театар“. И домаќинлукот му го должиме на Ристо“, истакна директорката Викторија Рангелова-Петровска завчеравечер на  свеченоста во Драмски, на која беше одбележан Светскиот ден на театарот – 27 Март, со именување на сцена и промоција на монографија во чест на Ристо Стефановски.

Таа додаде дека на овој театарски празник со задоволство се зборува за минатото и се отвораат приказните за театарските великани на кои им се оддава должна почит. Во своето обраќање пред присутните Рангелова-Петровска потсети дека на 5 декември 1928, на адреса „Орце Николов“ број 124, во Скопје е роден Ристо Стефановски.

„На 22 април 1957 година се раѓа идејата тој да биде назначен за директор на тогаш именуваниот Куклен театар, подоцна преименуван во Младинско-детски театар и сосема на крај повторно преименуван во денес добро познатиот Драмски театар Скопје. Стефановски останува да раководи со театарот повеќе од 25 години. Тој ја отвора вратата, го зацртува патот, ја создава основата, и низ годините ги води најголемите премрежиња, борби и победи на Драмски театар. Најистакнатите македонски театарски режисери, драмски автори, актери и останатите креативни чинители, ќе имаа понеизвесен пат во градењето на професионалната кариера доколку не добиваа отворени можности од страна на Стефановски. Оттука тој не работеше само за растењето на Драмски театар, туку дејствуваше во целокупниот културен растеж на државата. Неговата визија, умешност и сеопфатна посветеност, им овозможи на соработниците и вработените во Драмски, по секој постигнат успех да зрачат со неподнослива гордост и оправдана ароганција. Стефановски успеа вредносните критериуми да ги постави високо на скалата и никогаш не отстапи од нив… Ристо Стефановски е дел од нашата колективна меморија, особено кај оние кои ја имаа таа радост да соработуваат со него и да го познаваат, но приказната за него треба да биде дел и од сознанието на генерациите кои доаѓаат. И токму поради тоа, на Светскиот ден на театарот, одлучивме големата сцена во Драмски театар да ја именуваме со неговото име Ристо Стефановски“, објави директорката Рангелова-Петровска.

Самиот Стефановски, кој со Драмски остана поврзан до последниот ден преку уредувањето на Театарскиот гласник, во еден свој дневник ќе запише: „Успешно се справував со ситуациите, искрено и чесно работев. Се обидуваа да ми прикачат нешто, нешто што би ме компромитирало, нешто што би ме спречило да продолжам да работам. Сите сакаа да ми најдат нешто со што би ме држеле во рака, но немаше рачка за која би се фатиле, па ме оставија некое време“.

По заминувањето од Драмски и по пензионирањето, како што додаде Рангелова-Петровска, тој не сопре. Најде поинаков простор за дејствување. Во тој простор имаше неколкумина кои грчевито се обидуваа да му застанат на патот, да го девалвираат неговото дело. Но, тој испиша едно чудо книги, а со Драмски остана поврзан до последниот ден преку уредувањето на Театарскиот гласник…

Промоторката на монографијата „Ристо Стефановски“, Искра Гешовска, на промоцијата истакнa: „Ние сме култура на заборавот. Да се памети, во една култура како нашава која интензивно подлежи на заборав, е скапоцено. Со оваа монографија и со одлуката за именување на големата сцена на Драмски театар, со името на неговиот основач и стратег, Ристо Стефановски, се пркоси токму на културата на заборавот.

Таа посочи дека монографското издание, внимателно уредено од Александра Бошковска, е важен придонес кон аргументацијата за историското значење на Ристо Стефановски не само за Драмскиот театар, туку за историјата на современиот театар.

„Во него се поместени делови од неговите дневнички записи, делови од рефлексиите на колешките и колегите, соработничките и соработниците на Стефановски, хронолошки и биографски единици и факти поврзани со целокупната дејност на Стефановски. Станува збор за концентриран, систематично сублимен преглед, или ако сакате резиме, на еден столб во македонската современа култура. Ракописот на оваа монографија, ни потврдува дека Ристо Стефановски, не само што е од оние ретките во нашата култура кои со љубов и врвно знаење работела во сферата на менаџирањето, развивањето и архивирањето на театарот, како една од најкомплексните институционални структури, туку, уште поважно, според фактите на историјата на македонскиот театар, како уникатно посветен директор и театролог тој дава непроценливо важен и единствен придонес за осовременувањето, еманципирањето на театарот и во организациска смисла и во репертоарна смисла“, истакна Гешовска.

Како што додаде Ристо Стефановски е, всушност, најпрогресивниот директор, со визија и со непрегорност не само за театарот туку и генерално, за институционалната култура и за она што треба да значи и како треба да се развива стратешки една институција од сферата на културата.

„Она што беше фасцинантно, а што верувам дека е клучот за функционирањето на комплексна институција каква што е театарот, е чудесниот баланс помеѓу детерминираноста, одлучноста, кои тој ги поседуваше и мудрата отвореност за широк опсег на косултативни релации – оти без полемичка консултација и разговор, без критичка размена на мислења, не постои заедница и не може да постои успешен креативен амбиент. Такво полемичко јадро и таков колектив беше Драмски на Ристе Стефановски. И тоа, треба да го запаметиме, анализираме и развиваме како алатка за една современа културна политика“, посочи Гешовска.

Таа додаде дека токму она што е една од клучните карактеристики за Стефановски како директор е неговото чувство за колектив.

„При формулирањето на секој репертоар во секоја нова сезона, освен со уметничкиот совет, кој секогаш беше бескрајно почитуван од негова страна, тој се консултира со врвните интелектуалци од книжевната, уметничката, естетичката сфера. Токму затоа беше голем и единствен директор – затоа што длабоко ја разбираше природата на театарот…