Изборниот ден е стабилен од безбедносна состојба, а според информациите со кои располага МВР, сите избирачки места се отворени навремено и граѓаните можат слободно да го остварат правото на глас, рече министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски за тоа каква е ситуацијата на терен утринава за гласањето на двојните избори во земјава
Министерот Тошковски по остварувањето на своето право на глас, во изјава за медиумите рече дека вчера имало повеќе незаконити настани кои биле пријавени до министерството за внатрешни работи, а како примери ги посочи обидите за поткуп со давање бонови за гориво од одредени членови на партија во Крива Паланка, како и злоупотребата на лични податоци и гласачки ливчиња на граѓаните кои биле споделувани во групи со цел информирање на одредена политичка партија за тоа кој го остварил правото на глас и за кого на територија на СВР Охрид.
„На територија на СВР Велес, направен е претрес во дом на едно лице каде се пронајдени повеќе пиштоли кои се незаконски држени од него, пронајдени се пари, околу 20 илјади евра и листа на лица кои на незаконски начин требало да бидат вметнати и да бидат поткупени за да дадат право на глас. Од страна на судија на претходна постапка е определен притвор за ова лице. Вчера имавме повреда на изборен процес на територија на СВР Охрид, во Кичево каде се забележани повеќе лица кои со возила вршеле поткуп за одредена политичка партија и во однос на овој правен аспект се постапува од страна на МВР“,
рече Тошковски.
Тој кажа и дека во текот на вчерашниот ден во Неготино, пратеник од одредена политичка партија, користејќи податоци кои требало да бидат тајни, односно податоци за доделени финансиски средства за ИПАРД програми, се јавувал кај одредени граѓани кои добиле такви средства и влијаел тие да го дадат својот глас како што тој сметал дека требало.
Тошковски ги повика граѓаните да не дозволат нивниот глас да биде злоупотребен од било кого и порача дека потребно е да се има фер, демократски услови со масовна излезеност зошто само така може да се има европски избори кои ќе не одведат онаму каде што треба да се наоѓа земјата.
„МВР ги има сите човечки капацитети, технички ресурси потребни за да гарантираме еден фер и демократски изборен процес и притоа македонскиот граѓанин слободно, врз основа на сопствено убедување си го оствари своето право на глас, а секој еден кој ќе се обиде на незаконит начин да влијае било како во рамки на овој изборен ден треба да му биде јасно дека МВР во координација со надлежен јавен обвинител и судот ќе делуваат бескомпромисно. Секое незаконито дејствие од страна на секој еден поединец ќе има име и презиме и ќе одговараат пред законот“,
вели Тошковски.