EPA-EFE/HAMISH BLAIR

Цела Америка е потресена од интервјуто на поранешната тенисерка Памела Шрајвер (61). Во ексклузивно интервју за британски „Телеграф“, таа откри дека кога имала 17 години, била во емотивна врска со својот 50-годишен тренер, кој тогаш бил во брак. Легендарната Шрајвер, која во свое време беше трета тенисерка во светот и, веројатно, најдобра тенисерка на својата генерација, освојувајќи 21 грен-слем титула во двојки, откри дека дури неодамна успеала да сфати за последиците од врската со Дон Кенди, кој е 33 години постар од неа.

  • Кога ги промени пандемијата моите деловни планови, сфатив дека не можам повеќе да го одложувам тоа. Конечно, собрав храброст да посетам терапевт и да се позанимавам со искуствата од младоста. Сега решив да го споделам тоа јавно. Кратката верзија на оваа приказна е дека имав несоодветен и штетен однос со мојот многу постар тренер. Сето тоа започна кога имав 17 години и траеше пет години. Алармантна е ситуацијата во односите тренер – тенисерка, а е сè поприсутна. Секогаш кога слушам за односот меѓу тренер и тенисерка, секогаш кога гледам машки физиотерапевт што работи на женско тело, ми се вклучува алармот – напиша Шрајвер.

По тениската кариера, таа влезе во медиумите и со години работи како стручен консултант, па многупати можевме да ги прочитаме и да ги слушнеме нејзините коментари за големите тениски асови. Таа сега истакнува дека е важно да се одвојат емотивниот и професионалниот живот.

  • Сакам да нагласам дека е многу важно да се постават професионални граници. Моето искуство покажува дека кога ќе ги разделите овие два дела од животот, не само што ќе се чувствувате подобро на емотивен план туку и дека ќе бидете подобри на теренот. Мојата приказна започна на Божиќ во 1971 година. Најдов подарок за тениски тренинг, а кога се појавив, го запознав тренерот Дон Кенди. Почнавме да работиме заедно неколку години подоцна. Потоа започна патувањето, кое траеше една деценија и ќе ме обележи на многу начини – додаде бившата тенисерка.

Меѓутоа, како многу млада, на ВТА-турот некој морал да се грижи за неа. Тоа бил нејзиниот тренер, во кого несвесно се вљубила.

  • Имав 13 години и Дон ми кажа дека тој и неговата сопруга ќе одат во Аделаида на неколку месеци. Отидов дома и почнав да плачам. Влегов во пубертет и се вљубив во него. На почетокот од 1978 година, на 15 и пол години, почнав да играм професионално. Дон беше мој тренер и беше со мене во следните седум години. Ја победив Мартина Навратилова во полуфиналето на САД опен, но го загубив финалето од Крис Еверт – продолжи Шрајвер.

Но, по големиот успех, имаше и голем пад. Потоа започнала врската со оженетиот тренер, кој е 33 години постар од неа.

  • На средината од мојата лоша форма, Дон и јас се најдовме во автомобил во Минеаполис. Повторно загубив во првото коло и Дон ми кажуваше што требаше да направам. Почнав да плачам и му реков дека се вљубив во него. Требаше да одат нештата поинаку. Очигледно, тој не беше предатор, не знаеше што прави и не сакаше да ме загуби – објасни Шрајвер.

На крајот, врската траела пет години, а освен емотивно, влијаела и на најголемите порази и на разочарувачките резултати на грен-слемовите. На грен-слемовите доаѓала и сопругата на човекот со кого имала емотивна врска.

  • Сè уште имам измешани чувства за него. Да, тогаш започна нашата долга и несоодветна врска. Да, тој ја изневеруваше сопругата со мене, но имаше многу искреност и автентичност во тоа. И јас го сакав. Без разлика, пораснав и требаше да биде доверлива личност. Дури по терапијата, сфатив дека е моја грешка. Постојано се вљубував во постари мажи и имав проблеми со поставувањето граници. Врската беше и интимна и физичка, но немавме однос сè до мојата 20. година, две и пол години по почетокот на врската. Сепак, спиевме во иста соба, го правевме она што се прави во љубовта. Дон никогаш не ме вознемируваше сексуално, но имаше емотивно насилство. Се чувствував толку ужасно на емоционален план, чувствував дека сум сама. Најмногу бев љубоморна кога доаѓаше неговата сопруга Елен на турнирите – изјави Пем Шрајвер.