„Прашањето овој пат не е дали тој имал дозвола за огнено оружје, туку фактот што, според информациите од МВР, незаконски го носел со наполнета рамка во своето возило, што е во целосна спротивност со законот“, изјави на денешната прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски
Фуркан Салиу не е приведен затоа што е Албанец или Македонец, затоа што е православен или муслиман, затоа што е новинар или работник, затоа што е од ДУИ, СДС или, пак, нема политичка партија, приведен е затоа што попречил и нападнал службени лица од Министерството за внатрешни работи и незаконски чувал огнено оружје во својот автомобил со наполнета рамка куршуми. Прашањето овој пат не е дали тој имал дозвола за огнено оружје, туку фактот што, според информациите од МВР, незаконски го носел со наполнета рамка во своето возило, што е во целосна спротивност со законот, изјави на денешната прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
„Тоа што СДС, ДУИ и останатите нивни полуги го прават со приведувањето на новинарот Фуркан Салиу претставува една грда и црна кампања, но и хајка која е дел од едно поголемо сценарио кое треба да биде замена на немањето програма на овие избори и да се прикрие нивната акутна неспособност која граѓаните ја знаат и ја чувствуваат. Впрочем, и самиот Фуркан Салиу вчера јавно призна дека поседувал оружје и дека со своето однесување придонел за ескалација на настаните“,
истакна Наумовски.
Тој праша колку новинари имаат дозвола за оружје и дали МВР требало да го премолчи инцидентот.
„Јас, Наум Стоилковски, 30 години работев во новинарската фела и јавно прашувам, колку новинари, мои колеги, имаат дозвола за оружје и незаконски го носат на настани каде што има висока тензија и ризик. СДС и Оливер Спасовски во минатото велеа дека нападот врз полицајци е напад врз државата. Зарем МВР требаше да премолчи на инцидентот и јавноста да ја убедува дека полицајците кои вчера беа повредени се удриле во пајак возило, како што тоа го правеа кога Спасовски, за да го прикрие инцидентот кога функционер на ДУИ тепаше полицаец, изјавуваше во јавност. Секој од вас нека се запраша како ќе поминеше секој друг граѓанин што ќе нападне полицаец и кој нема да се повикува на хистеријата креирана од ДУИ и СДС“,
посочи портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, ВМРО-ДПМНЕ бара да се почитуваат сите права и слободи на новинарите „но немаме намера ниту да оправдуваме, ниту да браниме случај каде се нападнати полицајци“.
По приведувањето за време на инциденти на вчерашниот фудбалски натпревар, новинарот на порталот „Икс“, Фуркан Салиу, доцна синоќа излезе од полициска станица.
Во изјава за медиумите тој кажа дека смета оти е ослободен само затоа што работи како новинар и дека во спротивно би завршил во притвор.
Салиу образложи дека на натпреварот настанал целосен хаос, а полицијата била без координација и почнала да тепа недолжно момче.
Тој додаде дека снимал како полицијата тепа момче кое воопшто не учествувало во нередите, по што го уапсиле и него. Негираше дека нападнал полициски службеници.
Во однос на пиштолот што полицијата извести дека му го нашла, Салиу обвини дека откако е приведен му бил претресен приватниот автомобил во негово отсуство.
Тогаш полицијата му го пронашла пиштолот, за кој рече дека имал дозвола и го чувал расклопен, како што сметал и дека треба да се чува.
Претходно, МВР соопшти дека Салиу е еден од приведените на фудбалскиот натпревар меѓу ФК „БВК Коњаре” и ФК „Куманово”, во селото Средно Коњари, поради напад врз полициски службеници.
Фуркан Салиу е приведен за напад на полициски службеници, велат од МВР
По реакцијата на јавноста и на новинарските здруженија кои побараа итно ослободување на Салиу, техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски повика да не се прави притисок врз полицијата, зашто, како што подвлече, таа еднакво постапувала при секој напад.
Апсењето на Салиу го осудија и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.
ВМРО-ДПМНЕ побара целосно да се расветли случајот со Салиу и нагласи дека ја брани и во целост ја почитува новинарската дејност и слободата на новинарите да известуваат и да пишуваат за настаните и темите од јавен интерес, без какви било пречки.
И ВМРО-ДПМНЕ бара целосно расветлување на случајот со апсењето на новинарот Фуркан Салиу
За владејачкиот СДСМ, пак, апсењето на Салиу е доказ „дека ВМРО-ДПМНЕ го врати ВМРО-МВРО на најбезобразен начин“. Портпаролот Дарко Каевски синоќа на вонредна прес-конференција пред полициската станица во Гази Баба апсењето го оквалификува како брутален и недемократски чин и побара ослободување на новинарот.
Салиу деновиве е актуелен со серијата стории во кои обелоденува документи за кои тврди дека покажуваат дека ВМРО-ДПМНЕ направила оперативен план за обезбедување документи, но и за пласирање лажни анкети за рејтинзите на политичарите и партиите кои во изминатиот период беа објавувани во емисијата „Објектив“ на Македонската радио-телевизија (МРТ). Опозициската партија и јавниот сервис ги негираа наводите. Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека станува збор за фалсификувани документи.