ВМРО-ДПМНЕ: Се обврзуваме на напорна работа и брзи резултати по 8. мај

од Nikola Popovski

ВМРО-ДПМНЕ утринава излезе со првото соопштение по вчерашниот прв круг од изборите и предноста на нивната кандидатка за претседателка, Гордана Силјановска-Давкова пред противкандидатот Стево Пендаровски. Од партијата велат дека народот избрал промени.

-Огромната поддршка на народот обврзува за промени и брзи резултати, работата не е завршена, црвениот картон граѓаните ќе го дадат на 8-ми мај. На 8-ми мај СДС ќе доживеат уште поголем пораз, затоа што народот сака промени, и просперитет за Македонија. ВМРО-ДПМНЕ се обврзува на напорна работа и експресни резултати по 8-ми мај, народот мора брзо да ги почувствува промените и Македонија да тргне напред, најавуваат од партијата на Христијан Мицкоски.

ВМРО-ДПМНЕ ги повикува граѓаните уште помасовно да излезат во вториот круг и да ги потврдат промените.

Врз основа на 99,85 отсто преброени гласови, кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова освоила 40,08 отсто, додека актуелниот претседател Стево Пендаровски 19,93 отсто од гласачите.

Двајцата ќе се натпреваруваат во вториот круг од претседателските избори на 8 мај, за кога се закажани и парламентарните избори. Како што е објавено на веб-страницата на ДИК, Силјановска Давкова освоила 362.650 гласа, а Пендаровски 180.296 гласа.

Третото место го зазема Бујар Османи, кој е поддржан од Европскиот фронт со 13,36 отсто од гласовите.

На претседателските избори учествуваа седум кандидати.

Слични содржини