19 мај, 2024
ПочетнаКАРИЕРАПотрагата по „вистинската“ трае со месеци - Скопје се соочува со недостиг...

Потрагата по „вистинската“ трае со месеци – Скопје се соочува со недостиг на куќни помошнички

Во последните месеци, огласите за барање куќни помошнички во Скопје значително се зголемија.

Семејствата бараат жени кои се способни да се грижат за домот, да готват и да одржуваат хигиена.

Предност вообичаено имаат кандидатките со претходно работно искуство, одговорност и флексибилност.

40-годишна скопјанка, мајка на две деца, во разговор за Денар ја изрази својата фрустрација во потрагата за идеална куќна помошничка.

„Со месеци се обидувам да најдам некоја жена која ќе се вклопи со потребите на моето семејство, но сè уште не сум успеала да ја најдам вистинската. Се обидов со неколку жени кои се јавија на огласот, но досега имам само лоши искуства. Едноставно, треба човек постојано да ги надгледува и да оди по нив и да им кажува што да работат и како да работат. Се надевам дека наскоро ќе пронајдам вистинска работничка која ќе сака да работи“, ни изјави скопјанката.

Од друга страна, жена од Шуто Оризари, која работи како куќна помошничка, сподели дека семејствата ја плаќаат 1.800 денари, а таа чисти, готви и пегла облека.

„Работата е напорна, не е воопшто лесно, но ми овозможува да заработам за моето семејство. Работам секој ден, од понеделник до сабота. Само во недела одморам. Резервирана сум во следните три-четири месеци и таму каде што работам сите се задоволни. Чистам, бришам прашина, ја чистам кујната, тоалетот, пеглам облека, а понекогаш и готвам. Секако, не ги извршувам сите тие работи во еден ден, туку си планирам во текот на еден месец сите обврски да бидат завршени. Не можам да се пожалам од заработката, бидејќи често се случува во месецот да заработам над 45.000 денари, а тоа е доволно за мене и за моето семејство”, објаснува таа.

Додека побарувачката за куќни помошнички расте, многу жени кои ја вршат оваа работа се соочуваат со предизвици како што се ниските плати и долгите работни часови.

Оваа ситуација отвора дискусија за условите на работа и правата на вработените во оваа област.

Според најновите информации, во Македонија се забележува тенденција за унификација на платите за куќни помошнички, без разлика на градот или регионот во којшто живеат или работат.

Владата неодамна најави дека ќе ги затегне мерките за контрола на плаќањето во кеш, со цел да се спречи избегнување на даноци и придонеси.

Како што се најавуваше, сите работодавци ќе бидат обврзани да водат евиденција за сите работници кои ги ангажираат, што значи дека сите работници ќе мора да имаат пријавено работен однос и да им се плаќаат придонеси.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП