Евролига: Кошаркарите на Панатинаикос на фајналфор

Кошаркарите на Панатинаикос изборија настап на фајналфор турнирот откако во решавачкиот петти натпревар во домашниот паркет во Атина го совладаа Макаби од Тел Авив со 81:72 (19:21, 22:20, 17:15, 23:6) и славеа во четвртфиналната серија со 3-2.

Во неизвесен натпревар, Макаби во поголемиот дел од времето беше во минимално водство, но дуелот почна да се прекршува во полза на домаќините на почетокот од последната четвртина. Тогаш Панатинаикос направи серија од 6:0 и побегна на првата позначајна разлика на натпреварот од 64:56. Атинскиот тим потоа создаде двоцифрена предност и го скрши противникот.

Кендрик Нан беше убедливо најдобриот играч на домашната екипа со 26 поени, четири асистенции и пет скока. Костас Слукас додаде 15 поени со шест скока. Најдобар играч на Макаби беше Лоренцо Браун со 19 поени, седум асистенции и четири скока, додека Џош Небо постигна 14 поени со седум скока.

Претходно Реал Мадрид се пласираше на фајналфор турнирот, а Монако – Фенербахче и Барселона – Олимпијакос во среда ќе ги одиграат петтите натпревари.

Рекорден третпат во историјата на завршното натпреварување турниот ќе се одржи во Берлин, кој беше домаќин во 2009 и 2016 година.