Имам нешто да те прашам

Бојан Иваноски (Cyrillic): Новогодишната еуфорија ја одржуваме со китење на елка, дружење со најблиските и разменување на подароци (Фото+Видео)

Тој е еден од најдобрите во Македонија. Cyrillic е нивното име и имаат настапи 360 дена во година. Го имаат поминато речиси целиот свет, буквално цела планета, а секогаш достојно и совршено ја претставиле нашата земја. После пандемијата и што се не, за 2023-та вели дека пополека се враќа во нормалата, нема некоја посебно омилена песна, а за новогодишната еуфорија за разлика од останатите европски земји, тука во Македонија како и воопшто да ја нема. Денот го започнува со убава и квалитетна музика, а меѓудругото, верува во Дедо Мраз.

Почитувани наши, Бојан Ивановски од Cyrillic во новогодишниот серијал на интервјуа на Музика24.

Уживајте!

Музика24: Кон крајот од уште една интересна година редно е да сублимираме по што ќе ја паметиме… За волја на вистината поминавме кризи, инфлации, замрзнување-одмрзнување на цени, протести, но имаше и убави моменти, музички фестивали, нови хитови, убави и интересни концерти… Што Ви остана како белег, сеќавање на 2023-та година?

Бојан Иваноски (Cyrillic): Здраво дечки, Ви благодарам за интервјуто и голем поздрав до сите Ваши читатели. Годинава што изминува, како за сите така и за нас, беше доста турбулентна во секоја смисла на зборот. Сеуште се чувствуваат последиците од пандемијата, но постепено осетивме дека се враќа светот во нормала, па и покрај сите тие работи што ги напоменавте мислам дека во сеќевање ќе ни останат позитивните работи како: настапите тука и надвор од државата, музиката што ја издадовме изминатата година, фестивалите на кои настапувавме, убавите моменти и пропратно други работи.

Музика24: За разлика од предходните неколку години, оваа година многуте музички фестивали (кои за среќа се уште постојат) понудија голем број на композиции и песни кои претендираат да бидат хитови. Која според Вас песна ја одбележа 2023-та година и го заслужува епитетот Хит на годината?

Бојан Иваноски (Cyrillic): Уххх… тешко прашање. Да, изминатава година за разлика од претходни се издаде доста нова македонска музика и тоа многу ни се допаѓа што е така. Сме слушале голем дел од неа и има одлични нови артисти, не би можеле само една да издвоиме.

Музика24: Се приближува популарната новогодишна еуфорија кога секојдневно се случуваат забави, афтер парти, шопингувања… Во потрага сме по најубавиот подарок за најсаканите. Дали и Вас ви се случува во овој период од годината да бидете еуфорични, односно, како делува целата новогодишна еуфорија на Вас и Вашето секојдневие?

Бојан Иваноски (Cyrillic): Само што се вративме од мини турнеа во Рим и реално божиќната атмосфера таму направи да почувствуваме новогофишна еуфорија, која тука кај нас одамна ја нема. Но да не звучиме многу меланхолично, секогаш овој период пробуваме да си ја одржуваме таа новогодишна еуфорија со китење на елка, дружење со најблиските и разменување на подароци.

Музика24: Кога веќе ги споменуваме новогодишните подароци, како одбирате што да подарите, односно, според што се водите кога бирате новогодишен подарок?

Бојан Иваноски (Cyrillic): Во зависност за кого е подарокот, обично доволно добро ги познаваме тие за кои купуваме подарок и знаеме што сакат или пак во разговор ќе откријат работи што би сакале да си ги купат за себе па ни даваат идеја за подарок.

Музика24: Денес е вистинска реткост некој да праша дали сте среќна личност? Дали практикувате да се интересирате за блиските луѓе што ги прави среќни и колку се трудите да стимулирате убаво расположение?

Бојан Иваноски (Cyrillic): Да, нормално дека се интересираме за најблиските, и за тоа што ги прави среќни. И се трудиме колку што можеме да придонесеме за нивната среќа.

Музика24: Сите ние правиме грешки и никој не е безгрешен. Што е она што во 2023-та да имате можност би го смениле, или би посакале воопшто да не се случило?

Бојан Иваноски (Cyrillic): Па мислам дека нема такво нешто, што сме утнале до толку да би сакале воопшто да не се случи. Да се разбереме не дека не сме правеле грешки, но ништо до таа мера да би го промениле. Зошто како што пее Владо Јаневски: “Секое лошо за добро е” хахаха (се смее).

Музика24: Која песна или рефрен деновиве го потпевнувате, односно, дали денот го започнувате со песна и музика?

Бојан Иваноски (Cyrillic): Денот секогаш ни започнува, тече и завршува со музика. Обично имаме навика да слушаме многу нова музика и скоро секој ден таа песна што ни е во глава би била различна… Но деновиве на рипит ни се наоѓа Argy x Omnya – “Aria”.

Музика24: Дали се уште верувате во легендата за Дедо Мраз и дали за него имате годинава некоја порака?

Бојан Иваноски (Cyrillic): Секако дека веруваме, кој не верува? Немаме никаква порака за него, супер е нека продолжи како до сега хехехе (се смее).

Музика24: Веќе сме на прагот на една нова, се надеваме и веруваме поуспешна и поубава година за сите нас. Кои се Вашите пред се професионални планови и замисли и што би сакале да се случи ново на приватно поле во Новата 2024-та година?

Бојан Иваноски (Cyrillic): Се надеваме дека ќе биде подобра и поуспешна. На глобално ниво се надеваме дека ќе се стабилизира светот и ќе биде подобро за сите. На наш професионален план е дека ќе слушате многу повеќе музика од нас и ќе се гледаме на повеќе фестивали како тука, така и надвор од Македонија.

Музика24: Наскоро не очекува дочекот на Новата 2024-та година, па каде планирате да ја дочекате и со кого?

Бојан Иваноски (Cyrillic): Па за Нова година веќе трета година по ред ќе настапуваме денски кај нас во “Брос” во Прилеп, настан кој што го организираме ние и пополека веќе прераснува во традиција. А за самиот дочек вечерта ќе биде некаде и мирно со нашите најблиски.

Музика24: Новата година не е комплетна без Дедо Мраз, без неговите ирваси, без даровите, но и без желбите. Кои се вашите желби за Новата 2024 година?

Бојан Иваноски (Cyrillic): Нашите желби се секогаш да сме во добро здравје ние и нашата фамилија, а останатото се она што сме го зацртале ќе го оствариме сами.

Музика24: Со новогодишната порака би го завршиле овој забавен раговор, па ајде да чуеме на кој начин Вие ќе им ја честитате Новата година на вашите фанови, обожаватели, сите оние кои што ве почитуваат и сакаат и секако на читателите на единствениот музички портал во Македонија, Музика24?

Бојан Иваноски (Cyrillic): Дечки, ви посакуваме многу здравје, среќа и љубов. Бидете тоа што сте, зграбете ги шансите и уживајте во животот.

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: