По повод најголемиот христијански празник, Велигден, Македонската филхармонија го најавува концертот „Божествен“, кој ќе се одржи в четврток, на 25 април, со почеток во 20 часот.

Премиерно во Македонија ќе биде изведено едно од највеличествените дела на шкотскиот композитор Џејмс Мекмилан – „Седумте последни збора од крстот“. Во вториот дел од програмата ќе биде изведена Симфонијата бр. 4, насловена „Трагична“, од австрискиот композитор Франц Шуберт.

Диригент на концертот „Божествен“ е маестро Конрад ван Алфен од Холандија, чест гостин диригент со Македонската филхармонија, а заедно со оркестарот ќе настапи хорот „Проарс“, подготвен од маестро Сашо Татарчевски.

„Седумте последни збора од крстот“ е и едно од највпечатливите вокално-инструментални дела од поново време. Станува збор за нарачка од Би-би-си ТВ и премиерно беше изведено во седум ноќни епизоди во текот на Светата недела во 1994 година, од хорот „Капела Нова“ и шкотскиот ансамбл, под диригентство на маестро Алан Тавенер. Текстот е традиционален и се базира на сите четири евангелија за да се формира секвенцијална презентација на седумте последни реченици изговорени од Исус. „Седумте последни збора од крстот“ со право се смета за ремек-дело на Мекмилан, затоа што е мошне комплексно и катарзично.

Маестро Конрад ван Алфен е „инспиративен диригент што прави нештата да се случуваат“, пишува критиката за овој етаблиран холандски/јужноафрикански диригент, кој се стекна со популарност и кај оркестрите и кај публиката, благодарение на посебниот начин на кој ги води пробите и изведбите. Маестро Ван Алфен е уметнички директор и шеф диригент на Симфонискиот оркестар во Ротердам. Во изминатите 16 години, го издигна својот оркестар на ниво да биде интернационално признат и да стане домаќин на концертни серии во Ротердам, Хаг и во Амстердам.