Доделени наградите „Никола Младенов“ за 2023 година

Новинарот Александар Димитриевски ја доби првата награда за Најдобра истражувачка сторија на годинешниот конкурс „Никола Младенов 2023“, за сторијата „Од фирма за долна облека до надзор над проект од 1,3 милијарди евра со позајмени експерти“, објавена во емисијата „360 степени“.

Како што објаснува Македонскиот институт за медиуми (МИМ), организаторот на наградите, серијалот текстови и видео прилози на авторот Димитриевски открива сериозни нерегуларности во тендерската постапка за избор на  надзор врз најголемиот и најскапиот инфраструктурен проект  во историјата на земјава –  изградбата на автопатите од конзорциумот Бехтел-Енка.

„Обелоденувајќи ја намерата за местење на тендерот за надзор, којшто треба да биде единствената контрола врз ‘тајната’ изградба на коридорите 8 и 10 и трошењето на 1,3 милијарди долари јавни пари, новинарот демонстрира исклучителен новинарски ангажман, темелност и систематичност во  анализа и проверка на голем број документи и податоци поврзани со спорниот тендер“, велат од МИМ.

Втората награда за Најдобра истражувачка сторија ја доби новинарката Ирена Мулачка за серијалот текстови поврзани со случувањата на Клиниката за онкологија, објавени во неделникот „Фокус“.

„Авторката Мулачка, преку серијалот текстови објавува фрапантни податоци за сериозни пропусти и малверзации во лекување на пациентите на Клиниката за онкологија и радиотерапија. Низата стории го стегаат обрачот околу незаконското, неетичко и коруптивно дејствување на дел вработени на Клиниката, што го подигнува општествениот аларм и притисокот врз надлежните институции за преземање порешителни чекори“, соопшти МИМ.

Новинарот Мартин Пушевски е добитник на третата награда за Најдобра истражувачка сторија за серијалот текстови за борбата на граѓаните од Струмичката котлина против отворање на рудникот „Иловица“, објавени на порталот „Дома“.

„Серијата текстови за ‘Иловица’ открива како рудникот стигна на чекор до добивање дозволи за работа, наспроти загриженоста и реакциите на граѓаните и на стручната јавност за штетите што можат да бидат предизвикани врз животната средина во Струмичката Котлина“, потенцираат од МИМ:

Тимот новинарки Сашка Цветковска, Елена Митревска Цуцковска, Маја Јовановска и Ивана Настеска од редакцијата на Истражувачката репортерска лабораторија ја доби наградата за Најиновативен новинарски производ, за истражувачкиот документарен филм „Убиство во Тетово“, емитуван на МТВ1 и на веб-страницата на ИРЛ.

„Истражувачкиот документарен филм „Убиство во Тетово“ го редефинира новинарското раскажување и на иновативен начин ги презентира фактите и аргументите што произлегуваат од повеќемесечната истрага на новинарите за причините за една од најголемите несреќи во Македонија, пожарот во модуларната ковид болница во Тетово, во којашто животот го загубија 14 граѓани“, соопштува МИМ.

Наградата за Најдобра репортерска фотографија ја доби фоторепортерот Томислав Георгиев за фотографијата „Црква“, објавена во интернет изданието на неделникот „Фокус“.

Пофалници за истакнат новинарски ангажман во категоријата Најдобра истражувачка сторија им беа доделени на новинарките Мирјана Мирчевска Јовановиќ, Славица Филиповска Иванова и Јасмина Јакимова. Додека на редакцијата „Види Вака“ и на новинарката Катерина Топалова им беа доделени пофалници за истакнат новинарски ангажман во категоријата Најиновативен новинарски производ.

Како што велат од МИМ, на годинешниот конкурс што беше објавен на 31 јануари и траеше до 26 февруари 2024 пристигнале 39 стории обработени во 175 текстови/видео прилози во категоријата Најдобра истражувачка сторија. Потоа, 15 теми обработени во 16 текстови/видео прилози во категоријата Најиновативен новинарски производ, но и 21 фотографија во категоријата Најдобра репортерска фотографија.

Наградите за најдобра истражувачка сторија МИМ ги доделува традиционално од 2001 година, а од 2013 година, наградата го носи името на угледниот новинар и сопственик на неделникот „Фокус“, Никола Младенов.

ТУКА може да се погледне извештајот од жири-комисијата.