ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

79 години од Денот на победата над фашизмот

Охрид, 9. мај 2029 (ОХРИДПРЕС) – Светот годинава одбележува 70 години од Денот на победата над фашизмот.

На 9-ти мај 1945 година со потпишувањето на безусловна капитулација на нацистичка Германија, официјално беше ставен крај на Втората светска војна во која учествуваа 61 земја, со вкупно 2,1 милијарда жители или 96 отсто од светското население, војна која однесе повеќе од 50 милиони животи.

Од над 50-те милиони жртви, Советскиот Сојуз со дваесетте милиони жртви е на челното место, Полска со шесте милиони жртви го зазема второто место, а веднаш по неа е Југославија, со милион и седумстотини илјади жртви. Повеќе од 30 милиони жртви беа цивили, a во нацистичките логори беа убиени околу 12,5 милиони луѓе, од нив шест милиони Евреи. Материјалната штета од Втората светска војна само во Европа беше проценета на околу 260 милијарди американски долари.

Македонија за време на Втората светска војна беше на страната на антифашистичката коалиција. Во борбите против фашистичките окупатори, само од вардарскиот дел на Македонија, загинале 33.000 луѓе, вклучувајќи ги и преку 7.000 македонски Евреи, кои беа депортирани во концентрацискиот логор Треблинка, Полска.

Материјалните штети што ги претрпе Македонија во текот на Втората светска војна беа огромни: разурнати или опожарени домови, индустриски капацитети и јавни објекти; наполно уништени сообраќајници; урнати мостови; уништенa целата железничка мрежа, како и сите локомотиви и вагоните. Втората светска војната заврши дури на 2 септември 1945 година, кога Јапонија капитулираше по бомбардирањето на Хирошима и Нагасаки со дотогаш непознатото оружје, атомската бомба. Македонскиот народ во тие судбоносни моменти се определи против фашизмот, заедно со светската антифашистичка коалиција, за борба против ропството, борба за остварување на вековниот сон за национална слобода и своја држава.

Учеството во вооруженото востание во Народноослободителната борба беше револуционерен и патриотски долг на сите напредни и слободољубиви сили. Од Народноослободителната војна израсна грандиозното АСНОМ-ско дело, слободната македонска држава. На Првото заседание на АСНОМ, се случи и вториот слободарски и победоносен Илинден, се реализираа вековните стремежи на македонскиот народ за добивање национална и социјална слобода. Достојно на антифашизмот и слободољубивоста на македонскиот народ, државното раководство на Федерална Македонија ја донесе најисправната одлука: учество на македонската војска во завршните операции за ослободување на Југославија и за конечно изгонување на фашизмот. Тоа истовремено беше и наш достоен влог во конечната победа на светската антифашистичка коалиција над најголемото зло – фашизмот.

Оттаму, антифашизмот останува трајна наша обврска и долг за чување и натамошно унапредување на историските придобивки и вредности на Народноослободителната и антифашистичка војна, пиетет кон сите наши жртви во вековната борба за слобода на македонскиот народ, кон сите оние кои во Втората светска војна се бореа против фашизмот. Тоа е наше трајно определување и долг. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука