За Косово во Советот на Европа гласаа и македонски пратеници

535

Парламентарното собрание на Советот на Европа даде зелено светло Косово да стане 47. член на Советот на Европа. На Косово му е дадена задача до пристапувањето да исполни подолг список на обврски, што ќе биде следено до СЕ.

Ова е првпат да се покани за членка држава, чија државност не е призната од сите земји членки на СЕ.

Препораката за прием на Косово во СЕ е од  грчката пратеничка Дора Бакојани, чиј извештај вчера се усвои со дветретинско мнозинство од 171 присутен  – 131 глас за, 29 против, и 11 воздржани. Меѓу пратениците кои гласаа за извештајот на Бакојани се и двајца претставници од Македонија при Советот на Европа, Дарко Каевски од СДСМ и Арта Билали-Зендели од ДУИ. Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ, исто така претставник на Македонија во Советот на Европа, не присуствуваше на седницата.

На состанокот е посочено дека членството на Косово ќе доведе до „зајакнување на стандардите за човекови права преку обезбедување пристап до Европскиот суд за човекови права за сите оние кои се под јурисдикцијата на Косово“.

Конечната одлука за прием ќе ја донесе Комитетот на министри, извршното тело на организацијата, составено од министрите за надворешни работи,на седница закажана за 16 и 17 мај во Стразбур.

Србија остро се противи на идејата Косово да стане член на СЕ, а предлагачот на иницијативата, Дора Бакојани ја обвинува за лицемерие.