80 години од битката која беше пресвртница во Втората светска војна – Битката за Сталинград

Денес се навршуваат 80 години од Битката за Сталинград која започна на 17 јули 1942 година и траеше до 2 февруари 1943 година.

Таа беше обележана со невидена бруталност на германските фашистички сили и неверојатна истрајност на советските бранители. Сталинград наскоро стана симбол на херојската одбрана на Русите од германскиот нацизам. Во Сталинград буквално се водеа битки за секоја куќа, кои честопати минуваа од рака на рака неколку пати.

Во тие епски битки, се распадна познатиот германски концепт на „молскавична војна“ т.н „блицкриг“, кој се засноваше на брзи движења на војниците и длабоко просторно покривање, како и на разбивање на преостанатите непријателски сили.

На 23 август 1942 година, силите на 4-та воздушна флота на нацистичка Германија го извршија најдолгото и најразорно бомбардирање на градот – во него учествуваа околу 400 германски авиони, и тоа се изведуваше континуирано, во бранови.

Битката кај Сталинград го означи почетокот на „радикален пресврт (преземање на стратешката иницијатива на советската врховна команда) не само во Големата патриотска војна, туку и во целата Втора светска војна“, се наведува во збирката „ Битката кај Сталинград: значење, последици, сеќавања“, објавена во 2017 година во Волгоград.

По Сталинград, ќе има уште крвави битки на Источниот фронт: битката кај Курск, операцијата „Баграција“ (во Белорусија) или битката за Берлин.

Епските димензии на битката за Сталинград зборуваат многу и статистичките податоци. Германската армија имаше бројно супериорни сили на располагање во битката кај Сталинград. Во јули 1942 година, на почетокот на битката, Вермахтот имал 430.000 војници, 250 тенкови, 5.000 артилериски парчиња и 1.200 авиони. Советските сили беа значително послаби: 386.000 слабо вооружени војници, 230 тенкови, 3.400 артилериски парчиња и 1.200 авиони.

На крајот, околу 980.000 Германци беа убиени или ранети, а 110.000 заробени, во споредба со 750.000 убиени, ранети или заробени на советска страна, на кои мора да се додадат и многуте цивилни жртви од битката кај Сталинград.

Заробувањето на фелдмаршалот Паулус го означи крајот на битката кај Сталинград. Официјално, битката завршила на 2 февруари, со капитулација на целата германска 6-та армиска група, во која, освен Паулус, биле заробени уште 24 генерали на Вермахтот.

Пред да биде заробен Хитлер побарал од Паулус да се самоубие. Паулус не го послушал Хитлер и станал „првиот фелдмаршал во историјата на германското војување што му се предал на непријателот“.

Тогашниот претседател на САД, Франклин Рузвелт испратил писмо до Сталинград на 17 мај 1944 година, во кое напишал: „Во име на народот на Соединетите Американски Држави, ова писмо го испраќам до Сталинград како знак на нашето восхитување на неговите храбари бранители, нивната храброст и несебичност за време на опсадата, од 13 септември 1942 до 31 јануари 1943 година, засекогаш ќе ги инспирира срцата на сите слободни луѓе“.

Нивната славна победа го запре бранот инвазии и стана пресвртница во војната на сојузничките нации против силите на агресорот“, додаде Рузвелт.