Санчез: Ирска и Норвешка за признавање на Палестина, Португалија воздржана

Шпанскиот социјалистички премиер Педро Санчез, кој собира поддршка ширум Европа за признавањето на палестинската независност, ги придоби Ирска и Норвешка, но не и соседната Португалија откако конзервативците дојдоа на власт таму, објави шпанската јавна телевизија TVE.

„Она што се случи викендов потврдува дека она што го заговараме со месеци е неопходно“, рече Санчез во понеделникот на прес-конференција со новиот португалски премиер Луиш Монтенегро.

Во саботата вечерта Иран го нападна Израел со беспилотни летала како одговор на ракетниот напад врз иранскиот конзулат во Сирија.

„Сега пред нас се отвораат два пата. Едниот води кон ескалација на војната, а другиот води кон прекин на огнот на сите страни. Од почетокот на оваа криза, Шпанија се залага за мировен процес со решение за две држави, а со тоа и за заемно признавање на Палестина и Израел“, рече Санчез.

Претходно Санчез рече дека Шпанија има намера да ја признае независната држава Палестина до јули и дека наскоро може да се создаде „критична маса“ во ЕУ за тоа да го сторат и другите земји. Во ова на Шпанија и се придружија Ирска и Норвешка, кои Санчез ги посети во петокот, но новоизбраната влада на Португалија остана воздржана.

„Не сум толку далеку од признавањето на Палестина, но сметам дека решението со две држави треба да се усвои во мултилатерално опкружување“, рече Монтенегро.

Појасни дека ЕУ треба да донесе заедничка одлука за ова. Сепак, португалскиот премиер ја поддржа шпанската иницијатива за прекин на огнот и влез на хуманитарна помош во Појасот Газа, што не го дозволува израелската армија на копнените премини, вклучително и преку децениската поморска и воздушна блокада на палестинската енклава.

Санчез истакна дека меѓународната заедница веќе доцни со спроведувањето на решението со две држави, кое претходно беше предложено од Обединетите нации во границите од 1967 година.

„На Палестинците не може да им се помогне ако не се признае нивното постоење“, рече Санчез според кого признавањето на Палестина, која ќе живее во мир заедно со Израел, е „единствениот начин за мирен соживот на Израелците и Палестинците“.