„Политико“: Американскиот пакет помош за Украина ќе биде многу поголем од претходните

Американските власти се подготвени да започнат со испорака на воена опрема во Украина откако Претставничкиот дом го усвои нацрт-законот за воена помош во саботата, изјави портпаролот на Пентагон, генерал-мајор Пат Рајдер.

Предлог-законот за воена помош мора да биде одобрен од американскиот Сенат и да биде испратен до претседателот Џо Бајден за негов потпис, се вели во соопштението на американското Министерство за одбрана.

Генералот Рајдер рече дека законодавството ќе ги направи САД и нивните сојузници и партнери побезбедни.

„Овој нов закон е доказ дека претпоставката на рускиот претседател Владимир Путин дека групата што ја поддржува Украина во нејзината борба против руската инвазија ќе се распушти е апсолутно погрешна“, рече генералот Рајдер.

Повикувајќи се на свои извори во американската администрација, бриселскиот портал „Политико“ пишува дека следниот пакет помош од САД за Украина ќе биде значително поголем од вообичаеното, јави Танјуг.

Според неименувани американски претставници, новиот пакет ќе вклучува оклопни возила, како и опрема за воздушна одбрана и артилерија.

Конкретно, соговорниците на бриселскиот портал велат дека САД ќе ја снабдат Украина со нова серија оклопни транспортери „Бредли“, оклопни транспортери „Хамви“ и „М113“.

Според еден од изворите, администрацијата подготвува „голем пакет за да помогне во задоволувањето на потребите на украинското бојно поле“.

Се очекува по Претставничкиот дом, американскиот Сенат конечно да го одобри законот за помош на Украина, со кој на Киев би му била укажана помош во износ од речиси 61 милијарда долари.

Текстот „Политико“: Американскиот пакет помош за Украина ќе биде многу поголем од претходните е превземен од МАКФАКС.