За местењето фудбалски натпревари ширум светот, веќе и птиците знаат, но никој не би поверувал дека може да се намести и маратонска трка. Она што се случи во Кина е можеби најголемиот спортски срам во историјата. Имено, во Пекинг, неколку атлетичари дозволија да победи локалниот натпреварувач само затоа што доаѓа од земјата домаќин.

Полумаратонот во Пекинг заврши, но веднаш потоа беше отворена истрага. По триумфот на кинескиот атлетичар Хе Жи, се поставува прашањето до што води сето тоа. Имено, отворена е истрага поради сомневање за регуларноста на трката. Споменатиот кинески спортист славеше со време 1.03:44.

Немаше да има ништо чудно во тоа доколку целиот свет не беше сведок на неверојатната сцена на крајот од трката. Тројца африкански атлетичари му дозволија да победи кинески натпреварувач кој едвај се движеше по трасата.

Откако до самиот крај водеа Кенијците Роберт Кетер и Вили Мнангат и Етиопјанецот Хаили Бикили и се очекуваше еден од тројцата да биде победник. Сепак, тогаш триото успори и со тоа му ја отстапи првата позиција на домашниот натпреварувач кој воедно едвај пристигна до целта. Самите тие го поттикнаа на патот кон победата и воедно му укажуваа во самиот финиш да ги мине за да дојде до триумфот.


Инаку, Хе Жи е шампион на Азија во маратон. Тој сега славеше предност од една секунда, но евидентно е дека африканското трио се откажа од победата.

  • Покренавме истрага и резултатите ќе ги објавиме на јавноста кога ќе бидат достапни, соопшти Бирото за спорт во Пекинг.

Вили Мнангат призна за тамошните медиуми дека дозволил Кинезот да победи затоа што е негов пријател.

Истиот Кинез ќе го видиме и на Олимписките игри во Париз во текот на летото, но таму работите ќе бидат сосема поинакви. Инаку, тој е и национален рекордер во маратон на Кина.