Што би било ако евровизија се организира кај нас? Ова е темата на годинашното издание на култната манифестација „Глумците пеат“, која ќе се одржи на 29 и 30 март во НОБ. н сцената ќе се појават 40 глумци и 22 музичари.
Маја Бабиќ, организаторка на манифестацијата, која по долгогодишна пауза минатата година ја врати заедно со сестра ѝ Ира, а по смртта на нивниот татко, глумецот Марин Бабиќ, на денешната средба со новинарите откри некои детали, но за повеќето рече дека сака да бидат изненадување.
„Минатата година кога го направивме знаевме дека нема да застанеме. Овој пат се обидувме да го вратиме така како што Марин го замислуваше, тематски. Годинава темата е Евровизија, ќе се изведат македонски песни кои се пееле на настанот, како и некои најпознати странски хитови. Се забавуваме на темата ‘Што би се случило кога во Македонија би се организирала Евровизија’. Не се бавиме со реални настани, со сета почит кон организаторот на досегашните претставувања, Македонската радиотелевизија. Ќе се обидеме да се пошегуваме со нашите несовршености, Секако дека ќе има и гласање“, низ смеа рече Бабиќ.
Пројковски рече дека „театарот треба да забавува“, дека задачата на „Глумците пеат“ е за забава на публиката.
„Не ни е целта да правиме ретроспектива на Евровизија, туку забава за публиката. Голема забава и радост и убеден сум дека и оваа година многу бргу го пробиваме четвртиот ѕид пред публиката и манифетацијата да биде два и пол часа радост“, кажа тој.
Режисер на шоуто е Дејан Пројковски, кореографиите ги подготви Олга Панго, ќе свири Биг бендот, диригент ќе биде Љупчо Мирковски, а аранжманите ги прави Бобан Мирковски.
Бабиќ на крајот рече дека и двете претстави се распродадени.