ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Учениците со полна уста странцизми, мајчиниот јазик во втор план

Учениците со полна уста странцизми, мајчиниот јазик во втор план

Подоброто изразување на странски јазици отколку на мајчиниот ги загрижува наставниците во училиштата. Меџаит Амети, професор по англиски јазик, за Алсат вели дека има многу коментари од наставници по други предмети за неправилно изразување и големи грешки при користење на мајчиниот јазик, особено кај основците. Според Амети, тоа е резултат на честото користење на паметните телефони и компјутерските програми за деца и возрасни кои се исклучиво на странски јазици, особено на англиски.

„Посебно кај основците, оние кои доаѓаат во прво одделение, полесно се изразуваат на англиски јазик, особено за боите и деновите во неделата. Постојан проблем е тоа што и како професор по англиски јазик морам да бидам многу внимателен во комуникацијата со учениците. Како родители сме зафатени со работа, немаме време да се занимаваме со децата колку што правеа нашите баби и дедовци со приказни, со народни приказни и бајки. Сега имаат само YouTube и детски програми на англиски јазик“, рече Меџаит Амети, професор по англиски јазик.

Линдита Ругова, декан на Филолошкиот факултет во Приштина, смета дека мора да се креираат строги, но и флексибилни политики.

„Не можеме да им кажеме на децата да не играат на ТикТок, да не прават видеа, да не учат англиски. Проблемот повеќе го гледам кај родителите кои ги стимулираат своите деца да учат повеќе странски јазик отколку мајчиниот од прво одделение. Можеби би била потребна поголема грижа во тие први години до 10-15 години, бидејќи подоцна е доцна и за децата и за родителите. Не можеме да ги забраниме странските јазици, но треба да се креираат политики кои ќе бидат и строги и флексибилни во исто време“, изјави Линдита Ругова, декан на Филолошки факултет, Приштина.

Од Албанолошкиот институт во Приштина коментираат дека децата можат да имаат иднина само ако прво го знаат мајчиниот јазик и ако се изградат на своите корени и националниот идентитет.

„Родителите мислат дека со учење странски јазици нивните деца ќе имаат подобра иднина. Со потполно уверување велам дека тие деца ќе имаат иднина само ако го знаат мајчиниот јазик, само ако се формираат во корените на нивниот национален идентитет и потоа згора на тоа можат да изградат целосно познавање на другите јазици и различни култури и професии. Без правилно јазично формирање, без добро лингвистичко формирање што е можно само на мајчиниот јазик, не само за Албанците, туку и за сите народи во светот, не може да има соодветна професионална и интелектуална иднина за таа генерација на деца кои растат учејќи англиски во исто време“, нагласи Хисни Матоши, директор на Албанскиот институт, Приштина.

Во многу основни и средни училишта веќе се очигледни лошите резултати по мајчин јазик во однос на странските, како англискиот и германскиот, за кои добиваат подобри оценки./Alsat.mk

Мелихате Рустеми

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button