Драма на „Вила Парк“: Челси се врати од „мртвите“, ВАР го спречи да победи

Астон Вила и Челси со одличен меч ја заокружија денешната програма во Премиер-лигата, по голема борба ремизирајќи 2-2 на „Вила Парк“. Двете екипи имаат за што да жалат, Астон Вила за пропуштеното водство од 2-0, а Челси за поништениот гол во судиското продолжение на Дисаси што можеше да им донесе цел плен на избраниците на Покетино.

Мечот почна кошмарно за гостите од Лондон, откако една топка на петерецот го удри Кукуреља и заврши во мрежата на Петровиќ. „Сините“ имаа повеќе од играта, еден гол на Џексон беше поништен поради минимален офсајд, а потоа Астон Вила стигна до 2-0 со прекрасниот погодок на Роџерс постигнат од работ на шеснаесетникот.

Тимот на Унаи Емери вообичаено знае како да контролира вакви натпревари во кои има удобно водство, но Челси заигра уште подобро во вториот дел, гостите создадоа неколку шанси и заслужено стигнаа до бод со головите на Мадуеке и на Галахер.

Пресвртот беше комплетиран во судиското продолжение кога Дисаси стрелаше прецизно од непосредна близина, но ВАР го поништи тој гол поради прекршок во текот на акцијата на „сините“, на огромно разочарување на Покетино и неговите избраници.

Се вчитува...