Бендот „Луфтанза“ е финалист на годинешните музички награди „ХЕМИ“

Центарот за размена на музички иновации (ХЕМИ) ги претстави деветте финалисти на музичките награди на „ХЕМИ – HMA 2024“, меѓу кои се најде и македонскиот рокенрол состав „Луфтанза“.

„Со потекло од 9 земји во Централна и Југоисточна Европа (Чешка, Естонија, Грција, Унгарија, Македонија, Полска, Романија, Србија, Словенија), овие 9 уметници од HMA сега ќе имаат можност за менторство и обука за напредок на нивните вештини и потенцијал, со цел да се развие и нивната музичка кариера на меѓународно ниво!“, соопштуваат од „Пасворд продукција“.

Од таму посочуваат дека сите финалисти ќе имаат пристап до т.н. HMA програма за турнеи, вклучувајќи соработка со букинг менаџери низ цела Европа, активности за вмрежување на 9-те партнерски настани на ХЕМИ, како и добивка во износ од 2.000 евра за секој номиниран артист.

Од широкиот музички спектар, освен агресивниот и експериментален дух на нашите Луфтанза (Lufthansa), во листата на номинирани артисти е вкучен и топлиот и целосно аналоген звук на Island Mint од Чешка, нереалниот вонсветски поп на Αnna Kaneelina од Естонија, танцувачкиот панк ритам на AMKA од Грција, длабоко-психоделичниот грув на Freakin’ Disco од Унгарија, авантуристилните и непредвидливите џезери од Полска – Immortal Onion, меланхоличната и сонлива нота на романскиот дует  Musspell, динамичниот и електро инди-панк на Keni Nije Mrtav од Србија и енергичниот разигрлив поп на Astrid од Словенија.

„9-те финалисти на HMA беа избрани од пулот на 27-те номинирани артисти во првата фаза на HMA, членовите на меѓународната жири комисија на ХЕМИ кои се претставници на фестивали и музички конференции, простории за настани, букинг агенции, музички здруженија, музички извозни канцеларии и музички медиуми“, соопштуваат од „Пасворд“.

Ланската година меѓу финалистите беше нашата Дина Јашари, а оваа година освен „Луфтанза“ имаше и две други номинирани од Македонија: бендовите „Корпорација Вагина“ и Фанк Шуи“.

Инаку, ХЕМИ музичките награди е програма за таленти и артисти кои се спремни да се развиваат меѓународно и се стремат да достигнат нов поширок пазар и публика.

ХМА е организирана Центарот за размена на музички иновации (ХЕМИ), европска иницијатива која има за цел да поддржи артисти и музички професионалци од Чешка, Естонија, Грција, Унгарија, Македонија, Полска, Романија, Србија и Словенија.