Штипска „Актива“ и во услови на криза го зголеми производството за 60 отсто и на вработените за 30 отсто


Во штипската компанија „Актива“ и во услови на криза успеваат континуирано да го зголемуваат производството и бројот на вработените, како и да извезуваат за познати светски компании како „Тисен Круп“, „Ван Хол“ и „Фастглобал Солушн“. 

„Пребродувајќи ги здравствената и енергетската криза успешно покажеме дека како домашна компанија кои што ги користи субвенциите на Владата за капитални инвестиции сме успеале после 2021 година и корона кризата да го зголемиме производството за 60 отсто. Успеавме да го зголемиме бројот на вработени на повеќе од 30 отсто, односно имаме вкупно 580 вработени и со тоа да заокружиме еден процес кој ни отвора нови можности за да можеме да ги покриваме пазарите од Европа и од светот“, истакна денеска Зоран Илиевски, менаџер на „Актива“.

Компанијата е корисник на мерка од Законот за финансиска поддршка на инвестициите за петгодишен инвестициски проект започнат во 2018 година, со вредност од пет милиони евра и имаат 580 вработени.

Во посета на фабриката беше премиерот Димитар Ковачевски кој посочи дека овој домашен капацитет две децении е етаблиран во металопреработувачката индустрија, а од 2014 година влегува и во сегментот на автомобилската индустрија.

„Поддршката на компаниите во реализирањето на нови инвестициски проекти и во зајакнувањето на нивната конкурентност е наша определба, бидејќи на тој начин се засилува економскиот раст и развој на земјава, расте БДП, и крајно се подигнува животниот стандард на граѓаните. Оваа година се потпишани нови 277 договори за поддршка со компании кои влегуваат во инвестициски циклуси од околу 145 милиони евра и ќе креираат повеќе од 3.700 работни места во наредните пет години или до завршувањето на нивните договори. Само во 2021 година овие 277 компании, инвестирале околу 50 милиони евра и креирале над 1.500 нови работни места. Преку овој Закон во изминатите пет години, колку што се спроведува оваа мерка, склучени се договори за поддршка со 630 компании“, вели Ковачевски.

Тој нагласи дека нашите компании уште еднаш покажаа колку се агилни и во вакви тешки времиња инвестираат во подобрување на нивната конкурентност, нивните продукти, воведување нови производствени линии заради зголемена ефикасност и продуктивност.