Вчера, во големата сала на НУЦК „Антон Панов“, се одржа традиционалната Свечена седница на советот на Општина Струмица, со која беше одбележан Денот на заштитниците на Струмица – Светите
петнаесет тивериополски свештеномаченици.
За значењето на празникот, за улогата на свештеномачениците во зародишот на христијанството во нашиот град, како и за денот на нивното погубување, зборуваше градоначалникот Костадин Костадинов. Тој во својот говор, покрај другото, се осврна и на одредени белези на актуелното време, и притоа истакна:

„ Почитувани поклоници на овој ден и на светиите кои ги празнуваме, нели е време да се запрашаме, колку сме ние денес просветлени, и што сме сториле за да ја доживееме состојбата на полна
хармонија на духовното и телесното во спознавањето на себеси. Знаеме ли кои сме, која е нашата улога во веков, светов и животот кој го живееме, и дали сме достојни да бидеме негувачи и продолжувачи на вистинските вредности? Колку сме кадарни да им се спротивставиме на сите искривоколчени критериуми, норми, сфаќања, вреднувања, ставови и слично ?

Дали сме доволно
доблесни да си признаеме дека се повеќе се претставуваме за тоа што не сме? Зошто богољубието, човекољубието и вистинољубието многумина ги ставаат во подредена улога на сметка на
себељубието, среброљубието, властољубието и лагата како главна алатка на денешнината за некакво напредување во животот и кариерата? И конечно, зошто ги глорифицираме и им се
поклонуваме на „производите“ на луѓето со медиокритетски дострели, претставувајќи ги за високи
достигнувања, а ги премолчуваме или проголтуваме вистинските успеси и вредности. Стана непишано правило да не ги сакаме успешните луѓе и да се апстрахираме од оние кои во лице ни ја кажуваат вистината, особено ако тие луѓе не се дел од нашата идеолошка „фела““.

На свечената седница беа доделени и Годишните награди на Општина Струмица, како и наградата за животно дело. Со годишна награда „Свети петнаесет тивериополски свештеномаченици“ се здобија: Љупка Вртева (техничка култура и наука), Томе Ментинов (култура и уметност), Ресторан „Бонита“
(угостителство), Ивана Мазнејкова (култура и уметност), Тимо Комаров (крводарителство и хуманост), Иван Кукиќ (култура и уметност) и Иван Козарев (образование и наука), а наградата за животно дело му припадна (постхумно) на естрадниот вокален уметник Гоце Арнаудов.
Во рамките на свеченоста, меѓу другото, се случи и првиот настап на новоформираниот Октет „Струмица“.