Русија не ја гледа смислата на мировната конференција во Швајцарија

Москва во четвртокот повтори дека не ја гледа поентата на конференцијата за прекин на огнот во Украина што Швајцарија ја планира за средината на јуни и на која Русија не е поканета.

Швајцарската влада во четвртокот соопшти дека Русија „во овој момент“ не е меѓу десетиците поканети земји, додавајќи дека е отворена за нејзино учество, но дека Москва не е заинтересирана. Берн го најави собирот во јануари, велејќи дека го организирал на барање на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, нагласи дека Москва не ја смета за веродостојна иницијатива.

„Не разбираме каква пресвртница би била таа мировна конференција. За каква конференција зборуваме, за каква сериозна конференција со сериозни очекувања дека ќе има некакви резултати, без учество на Русија? Тоа е целосно невозможно и јасно е дека се работи за некаква иницијатива која не е насочена кон резултати“, одговори Песков на барање за коментар од новинарите акредитирани во Кремљ.

Швајцарската влада призна дека „мировниот процес не е можен без Русија“. Украина, од друга страна, ги доведува во прашање придобивките од руското учество на состанокот што ќе се одржи во близина на градот Луцерн.

„Знаеме дека нема смисла да ја имаме Русија на маса ако не можете да се осигурате дека таа ќе дејствува со добра волја“, рече украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба минатата седмица во интервју за магазинот Foreign Policy.

Кулеба смета дека создавањето дополнителен притисок врз Русија на бојното поле и обединувањето на земјите „кои ги делат принципите“ ќе помогнат Русија да биде подготвена да учествува во дијалогот.