Шпионски игри во предизборието

Колумна на Ивица Боцевски:

Дали е навлезено корозивно руско или кинеско влијание во македонското предизборие? Концептот на „цивилна контрола на разузнавањето” и „демократска контрола на разузнавањето” во Македонија е вечна тема, уште од времето на реал-социјализмот. Случајот со „осуммината” од тогашното СВР, а денеска МВР, ја одбележа зората на македонската демократизација, а во македонската политичка историја во плурализмот буквално може да ја следиме преку шпионските афери, како меѓници. Имавме „бугарски летоци”, па „сина птица”, „паравојска”, заклучно со „големото уво” и со „бомбите на Заев”. За жал, македонските политичари не ја научија лекцијата дека службите треба да се фокусираат на заштита на македонската национална безбедност, дома и надвор, дека треба да се дел од нашите мрачни сили кои се борат за заштита на македонската држава, нејзиниот интегритет, но и за опстанок на македонската демократија. Премногу беше привлечен поривот кај македонските политичари за злоупотреба на службите за нивни лична моментална корист. Нормално, сето тоа секогаш завршуваше трагично.

Македонските разузнавачи се дел од македонското општество, па, за жал, и тие се социјализираат во оваа грозна транзициска каша. Џабе беа измените на законската рамка, обидите да се расчисти тоталитарното минато преку лустрација, па сè до најграндиозното промашување, наречено „извештајот на Прибе”.

Сега слушаме нови гласини. Актуелната власт ја злоупотребува и внатрешната и надворешната служба, АНБ и АР, па дури и воениот оддел за оцрнување на политичките противници. Веќе беа сериозно начнати некои кристално чисти кариери во разузнавањето, дипломатијата, војската и полицијата со злоупотреба на постапката за издавање НАТО сертификати, афера која што ќе мора да има и анкетна комисија во Собранието за нејзино расчистување.

Но, далеку почудовишни се намерите да се влезе во лажни вести, измислици, па дури и лиферување на фалсификувани документи, видеа и фотографии произведени од вештачка интелигенција, со цел да се прикаже дека клучните политичари, интелектуалци и професионалци поврзани со опозиција, имаат некакви тајни, коруптивни и шпионски руски или кинески врски. Целта на оваа операција е да се направи пресврт во предизборието и да ѝ се наштети на идната власт по изборите.

Како и при секоја досегашна злоупотреба на службите, ако главните протагонисти од власта продолжат со ова сценарио само ќе се избрукаат пред јавноста и ќе се изопштат себеси засекогаш од македонската политика. „Шпионските игри” на политичарите секогаш завршуваат со плачки, па ајде да ја повториме таа лекција уште еднаш.

Претходна вестМаксим Димитриевски од Штип: Доволно се делевме, треба да се обединиме
Следна вестПриватните специјализанти од понеделник во генерален штрајк, Владата не ги разгледала нивните барања