Пример за длабоката држава која мора да се искорени, вели Битиќи за поскапувањето на осигурувањето за регистрација на возилата

од Nikola Popovski

Згрозен сум од зголемувањето на сумата за задолжителна осигурителна полиса од страна на осигурителните компании, порача вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи откако денеска беше обелоденето дека има нови поскапи цени на осигурителните полиси за регистрација на возилата.

Според него, ова може да се толкува и како директен атак, или политичко мешање на компаниите за осигурување, бидејќи тарифникот со тие зголемувања 2 пати е доставен до Владата и 2 пати не е одобрен на владина седница.

Битиќи оценува дека ова е манипулативен начин со кој надвор од предвидената процедура осигурителните компании изнаоѓаат начин да ја зголемат цената на автоосигурувањето на грбот на граѓаните.

-Ова е пример за длабоката држава која мора да се искорени. Го повикувам ресорното министерство за финансии и комисијата за заштита на конкуренција да постапат и да покренат постапка за олигополско здружување и осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните кои веќе платиле повисоки цени очекувам да им се компензираат средствата, објави вицепремиерот на социјалните мрежи.

Осигурувањето за регистрација на возила од вчера поскапе за 15 отсто. Новите цени ќе важат за товарните возила и за коли со моќност над 44 киловати, додека цената за возилата под 44 киловати останува иста. Цените се поскапени за 15,4 отсто.

Сопствениците на возила со моќност од 44 до 55 КВ ќе плаќаат 6.292 денари наместо 5.453 денари, односно 839 денари повеќе. Осигурувањето за возилата со мотор од 55 до 65 КВ, пак, се зголемува од 6.166 на 7.116 денари. За колите со моќност од 66 до 84 КВ цената на осигурувањето се зголемува од 7.133 денари на 8.233 денари, а од 8.510 денари на 9.821 денари е поскапено осигурувањето за колите со моќност од 84 до 110 КВ. Конечно, осигурувањето за возилата со мотор над 110 КВ сега ќе изнесува 11.879 денари, а досега изнесуваше 10.294 денари.

Новите цени стапиле на сила на 25-ти април.

Слични содржини