Вчера и завчера екипи на Државниот пазарен инспекторат извршиле контрола на 50 угостителски објекти за да утврдат дали имаат лиценца за работа која се однесува на кабаре, ноќен клуб, диско-клуб и диско-клуб на отворен простор. Како што соопшти портпаролката на Владата Марија Митева, при контролите биле презентирани 22 лиценци кои имаат рок на важност, додека 15 биле со истечена важност.
Портпаролката Митева на денешната прес конференција соопшти во кои се градови биле направени контроли, при што напомена дека во наредниот период ќе се направат дополнително во оние објекти кои имаат лиценци со важност, за да се констатира дали се исполнети потребните технички услови .
,, Во Струмица има 4 објекти: 2 со важечки лиценци за диско-клуб, 1 со важечка лиценца за диско-клуб на отворен простор, а 1 со истечена лиценца. Во Гевгелија имаме еден објект со лиценца со важност за диско клуб“ кажа портпаролката на владата Марија Митева. Таа на денешната прес конференција не спомна други градови во Југоистокот во кои има објекти со важечки или истечени лиценци за работа како ноќни клубови, диско клубови и кабареа.
На официјалната веб страна, Министерството за економија го објави регистарот со издадените лиценци за работа како кабареа, ноќни клубови, диско клубови и диско клубови на отворен простор со важност од една година. Конкретно во регистарот е наведено која фирма го има поднесено барањето, датата на издавање на лиценцата, видот на лиценца како и името на клубот. (В.Трајков)