Се уште не се знае каде се речиси стотина луѓе по терористичкиот напад во Москва

Деведесет и пет лица се уште се водат како исчезнати по минатонеделниот терористички напад во Москва, јавија денеска руските медиуми.

Официјалниот биланс на загинати во нападот во Crocus City Hall сега е 140 мртви и 182 ранети.

Порталот База, кој има добри врски со руските безбедносни служби, објави дека на списокот се појавиле уште 95 лица кои нивните семејства ги пријавиле за исчезнати.

Руските истражители велат дека акцијата ја извршиле четворица напаѓачи со калашникови. Пукањето започна непосредно пред рок групата „Пикник“ да настапи пред 6.200 гледачи.

Оттогаш руските социјални мрежи се преплавени со повици за помош во пронаоѓањето на исчезнатите.

Собрани во чат на Телеграм, пријателите и семејствата ги споделуваат имињата на луѓето кои сè уште се бараат и нудат поддршка еден на друг.

Текстот Се уште не се знае каде се речиси стотина луѓе по терористичкиот напад во Москва е превземен од МАКФАКС.