Честитка од Мицкоски за празникот Свети Сава

од Stefanija Kuzmanovska

Во мое лично име и во име на ВМРО-ДПМНЕ на сите припадници на српската заедница во Република Македонија им го честитам празникот Свети Сава, наведе претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

„Македонија е земја пример во која секој нејзин граѓанин може да ги негува своите јазични и културни традиции, притоа респектирајќи ги културните и идентитетските особености на другите. Тие вредности се длабоко вкоренети во оваа земја.

Различностите во Македонија се богатство, и како такви се вклопени во дел од нашиот мозаик. Одбележувањето на ваквите празници градат мостови помеѓу народите, затоа што се базираат на взаемна почит и разбирање, вековни вредности градени тука во Македонија. Почитта кон еден народ и неговата култура е мост преку кој луѓето меѓу себе се зближуваат, ги развиваат своите врски и на тој начин градат подобра иднина.

Треба да разбереме дека и внатре во Македонија, но и кон надвор, мораме да си подаваме рака за соработка со взаемно уважување и со добра волја.

Пријателствата меѓу луѓето се резултат на нивната доверба и заедничката цел.

Ние во Македонија имаме заедничка цел, да изградиме држава со подобра иднина за генерациите кои следат. Да изградиме татковина во која сите заедно ќе се бориме против криминалот и корупцијата кои ги подриваат темелите на системот.

Да изградиме заеднички дом во кој најдобрите ќе ја имаат својата шанса да покажат што знаат и што може да придонесат за напредок на сите. Да изградиме Македонија која сплотено ќе умее да се спротивстави на предизвиците кои доаѓаат како од внатре, така и од надвор.

Нека е честит празникот Свети Сава“, порача Мицкоски.

Слични содржини