ВИДЕО| Напаѓачот кој избоде свештеник во Сиднеј, се смее додека го апсат

Напаѓачот кој во понеделникот избоде свештеник за време на богослужба во црква во Сиднеј, се смееше за време на неговото апсење.

Свештеникот Мари Емануел беше избоден со нож во понеделникот околу 19 часот по локално време додека проповедал во црквата Христова Добриот Пастир во Вејкли, западно од Сиднеј. Напаѓачот потоа повредил уште четири присутни лица.

Ова е втор напад со нож во Сиднеј за само 48 часа откако Џоел Кочи (40) уби пет жени и еден маж во трговскиот центар Бонди во источниот дел на градот.

Во снимката на која е забележан нападот, човек мирно му приоѓа на свештеникот, потоа ненадејно притрчува и неколку пати со нож го избодува свештеникот, кој падна на земја.

На новата снимка, напаѓачот може да се види како се смешка во камерата додека го држи лице чии фармерки се извалкани со крв. Медиумите јавуваат дека присутните го совладале и го држеле на подот додека не дојде полицијата.

Свештеникот Емануел, кој има огромен број следбеници на социјалните мрежи, беше избоден повеќе пати и итно е пренесен во болница. На едно видео се гледа како на носилки е префрлен во амбулантно возило.

На улиците околу црквата избувнаа немири додека разбеснетата толпа сакаше да ги фати напаѓачите. Локалната полиција беше принудена да употреби солзавец против гневните жители. На снимките од немирите објавени на социјалните мрежи се гледаат граѓани кои протестираат и фрлаат шишиња и цигли кон полициската бариера.

На снимката се слуша „Око за око“.

Австралиската полиција допрва треба да го потврди идентитетот на напаѓачот.