Екс белградски полициски инспектор за случајот со убиството на Данка: Тоа „нема тело-нема дело“ веќе не важи

by Fokus

Ниту најтврдокорните полициски ветерани, кои поминале низ безброј истраги и истражувале најбрутални злосторства, не останаа рамнодушни на случајот со исчезнувањето и убиството на Данка Илиќ, девојчето кое во мај ќе наполнеше две години, да не беше убиена на 26 март.

Таков е Драгиша Ремовиќ, поранешен инспектор на Одделот за крв и сексуални деликти на белградската полиција кој во интервју за порталот „Нова.рс“ објасни колку ќе трае потрагата по телото на малата Данка (2).

Осомничените за убиството на Данка се во притвор, но полицајци, пожарникари и спасувачи, припадници на Планинарската спасувачка служба продолжуваат со потрагата по телото на Данка. Извршен е увид на депонијата каде, како што призна еден од осомничените, телото на несреќното девојче било фрлено откако Срѓан Јанковиќ (50) и Дејан Драгијевиќ (50) ја удриле со автомобил во Бањско поле. Потоа ја ставиле во автомобилот, а кога сфатиле дека девојчето е се уште живо, го убиле.

По два дена, како што објаснија највисоките полициски функционери, осомничените го префрлиле телото на девојчето од депонијата на друга локација. Раде и Далибор Драгијевиќ, таткото и братот на еден од осомничените, се приведени во саботата под сомнение дека им помагале во тоа. Меѓутоа, Далибор почина во полициска станица, а информациите за тоа каде се наоѓа телото на девојчето до ден денес останаа непознати.

„Многу ми е тешко да ги читам вестите за тој случај, срцето ми се стега, имам грутка во грлото“, вели поранешниот инспектор Ремовиќ, а ова е човек кој во својата кариера видел работи кои обичните луѓе ги гледаат само во филмовите.

Бидејќи е добро запознаен со полициските процедури, тој објаснува што ќе се случи доколку телото не се најде, односно дали претресот ќе биде прекинат.

„Потрагата по телото на Данка, всушност, никогаш нема да заврши. Нема рок во кој претресот е прекинат. Лицата, мртви или живи, засекогаш остануваат на списокот на исчезнати лица и полицијата ќе продолжи да трага по нив. Единствено што веројатно ќе се случи е потрагата да продолжи со намален интензитет, но сигурно нема да запре“, објаснува Ремовиќ.

Според него, телото не е потребно ниту за истрага, а потоа и судска постапка, се разбира, доколку има други материјални докази кои обвинителството може да ги изведе.

„Тоа `нема тело – нема дело` веќе не важи, тие времиња поминаа. Овде, конкретно, во случајот со судењето на групата на Вељко Беливук, немате тела, но имате други докази, имате сведоци кои соработуваат, пронајдени се ДНК траги од жртвите. Во овој случај нема `инсајдер` – сведок соработник, а секој што е потенцијален сведок, доколку го видел телото на девојчето, станал соучесник затоа што не пријавил во полиција. Но, и без тело може да бидат осудени, доколку има други материјални докази. Важно е истрагата да ги `врзе` со местото и со жртвата. Доколку се најдат траги од нејзината ДНК на или во автомобилот, тоа може да биде клучен доказ за истрагата, бидејќи нема друго рационално објаснување за биолошките траги на малото девојче во возилото“, објаснува поранешниот инспектор на белградската полиција.

Доколку не се најде ДНК во автомобилот, тоа ја менува ситуацијата, бидејќи и покрај признанието во полиција, осомничените секогаш можат да го сменат исказот, во секое време од постапката.

„Тоа е очекувано и често се случува. Токму затоа овие други материјални докази се важни, бидејќи не може се да се заснова само на признание на сведокот. Едно не ми е јасно, кога веќе признаа дека ја убиле девојката и ако ја фрлиле во депонија, како не се најдени траги. Единствено ја завиткале во нешто, торба, бидејќи би останале биолошки траги, влакна, прамени коса, делови од нејзината облека, некаква материјална трага. Проблем би можеле да бидат животни кои можеби го оштетиле телото, но некаква трага би требало да остане“, објаснува овој искусен полицаец.

Поврзани новости