Заедно со претставувањето на P60 серијата оваа недела, Huawei ја претстави и наредната генерација од нивниот уред на преклоп, односно од тие кои се преклопуваат по вертикалната линија и се претвораат од смартфон во мал таблет.

Huawei Mate X3 е одлично направен уред кој да не беа санкциите од САД кон оваа компанија, ќе претставуваше сериозна конкуренција на пазарот и ќе ги загрижеше и притиснеше останатите.

Уредот е целосно редизајниран во споредба со претходните генерации и изгледа одлично. Целосно преработен е и механизмот за преклопување, а тој сега овозможува можност за сигурно отворање во различни агли, зависно од потребите на корисниците.

Главната карактеристика може да се каже дека е малата тежина и дебелина на уредот. Тој кога е отворен има дебелина од 5,3 милиметри, а тежината изнесува 239 грама. Ова е потенко и полесно од конкурентите, односно од главниот конкурент на пазарот на уредите кои се преклопуваат.

Екраните се со големина од 7,85 инчи кај внатрешниот, односно тој кој се превиткува, додека надворешниот е со големина од 6,4 инчи. Со ова се добива прилично голем уред, а тоа може да се добие и поради помалата дебелина, па нема да се добие впечаток дека уредот не може лесно да се пренесува.

Mate X3 работи на ланскиот Snapdragon 8 Gen 1, без поддршка за 5G, но затоа доаѓа со двонасочната комуникација со сателити, која беше најавена со P60 серијата.

Три камери се достапни на задната страна, со 50 мегапиксели кај главната, 13 кај ултра широката камера, како и 12 мегапиксели кај камерата за зумирање.

Батеријата кај Mate X3 е со 5.060 mAh и може да се полни со брз полнач со 66W, односно безжично со 55W.

Huawei Mate X3, исто како и P60 серијата, е претставен за кинескиот пазар, а се најавува достапност и во другите делови од светот од мај. Цената во Кина изнесува околу 1900 долари, односно цените на ваквите уреди уште не покажуваат знаци на намалување.

ИЗВОРThe Verge
Претходна статијаTwitter Blue стана достапен во целиот свет
Следна статијаВредноста на Twitter е помалку од половина од сумата која ја плати Елон Маск при купувањето на компанијата
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.