Ако влезат Бугарите во Устав, нема да се бара Албанец премиер

Дел од албанските политичари во земјава му порачаа на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, дека ќе го поддржат предлогот за бришење на техничката влада и назначувањето 100 дена премиер Албанец, но само под услов да се донесе одлука за изгласување на уставните измени.

Тие предлагаат да се организира заедничка средба на сите парламентарни политички партии за тоа.

Политичарите од албанскиот блок во земјава за Плусинфо признаваат дека техничката влада повеќе нема ефект и дека со нејзиното воведување на државата ѝ се нанесува повеќе штета отколку корист, но сепак, велат дека изгласувањето на уставните измени е единствениот услов за укинување на Пржинскиот договор.

Мицкоски синоќа во „Само интервју“ на „Канал 5“ изјави дека е подготвен да ја отстрани техничката влада и да го укине правилото за поставување 100 дена премиер Албанец.