ТЕРА

REKLAMA???

ГЛАСАЊЕ И СО ЛИЧНИ ДОКУМЕНТИ ЧИЈА ВАЖНОСТ ИСТЕКНА ВО ПЕРИОД ОД 9 МЕСЕЦИ ДО ДЕНОТ НА ИЗБОРИТЕ

На вчерашната 147 седница на Собранието на Македонија без расправа беше изгласан и Законот за изменување и дополнување на Изборниот законик, по скратена постапка, чија цел, како што претходно образложи пратеникот Мартин Костовски, е да се допрецизира постојната правна рамка и да се доуредат одредбите од постојното законско решение во насока на инклузивен изборен процес за сите учесници на изборите.

Меѓу другото, се допрецизираат одредбите во однос на регистрацијата на гласачите со цел сите гласачи кои ги исполнуваат условите да бидат запишани во избирачките списоци, со отстранување на ограничувањата врз основа на истечени документи за идентификација, како и со разјаснување на процедурите за вклучување во избирачките списоци на лицата кои ќе наполнат 18 години помеѓу двата изборни круга.

Со преодната одредба на законот се уредува правото избирачите да може да гласаат со лична карта или патна исправа чија важност истекла во периодот од девет месеци до денот на одржување на изборите.

Со предложените измени се задолжуваат јавниот радиодифузен сервис како и телевизии на државно ниво да ги објавуваат содржините поврзани со изборниот процес во формат достапен за лицата со попреченост, односно со користење знаковен јазик, титлови, тонски опис или други алатки за обезбедување пристапност.

Исто така, се дорегулираат и допрецизираат одредбите во однос на финансирањето на изборите и доставувањето и објавувањето на извештаите за примени донации на тансакциската сметка за изборна кампања. Со законот се предлага да се одреди јасна временска рамка за одржување на повторените избори во случаите кога условот за излезеност не е исполнет во првиот круг од изборите за градоначалник, се со цел да се намали ризикот од неуспешни избори.

Измените предвидени во ова законско решение го уредуваат рокот за одлучување на Управниот суд во случај на поднесена тужба за заштита на избирачкото право на подносителите на листи и на избирачите.