Французите стравуваат од нови терористички напади

Податоците покажуваат дека жените се позагрижени поради потенцијална закана од терористички напад, давајќи просечна оценка од 7,3 во споредба со 6,7 кај мажите.

од Бети Божиноска

Француските граѓани силно се плашат дека би можеле да бидат цел на терористички напад во следните недели или месеци, покажува анкетата спроведена од институтот CSA за CNews, Europe 1 и Le Journal du Dimanche на 26 и 27 март меѓу 1.013 лица на возраст од 18 и повеќе години, чии резултато се објавени денеска.

Истражувањето, спроведено по терористичкиот напад во Москва минатата недела и неколку месеци пред Олимписките игри во Париз 2024 година, открва значителна алармираност за потенцијален напад, со просечна оценка од 7 од 10 на скалата на страв меѓу интервјуираните.

Ознаката 0 означува „многу слаб страв“ од терористички напад, додека 10 одговара на „многу голем страв“.

Истражувањето покажуваа забележителен јаз во нивото на будност меѓу мажите и жените. Податоците покажуваат дека жените се позагрижени поради потенцијална закана од терористички напад, давајќи просечна оценка од 7,3 во споредба со 6,7 кај мажите.

Анализата по возрасни група откри дека француската младина, особено оние помлади од 35 години, се најпогодени од вознемиреноста по ова прашање. Французите на возраст од 35 до 49 се чини дека се помалку загрижени, додека стравот малку се зголемува кај постарите од 50 години.

Според истражувачите, бројките би можеле да одразуваат различни фактори, вклучително и разликите во јавниот ангажман, изложеноста на медиумски извори и чувствителноста на јавните политики.

Во Франција се во сила засилени безбедносни мерки по бранот терористички напади во јануари 2015 година, кога група исламисти уби 17 лица во Париз и неговите предградија. Во ноември истата година, Франција беше сведок на еден од најсмртоносните исламистички напади во својата историја, кога бомбаши-самоубијци и вооружени напаѓачи ја нападнаа концертната сала „Батаклан’, голем стадион, ресторани и барови во Париз, при што загинаа 130 луѓе.

По терористичкиот напад во Русија во петокот, во кој загинаа 143 лица, Франција го подигна нивото на тревога за тероризам низ целата земја на највисоко ниво.

Слични содржини