Економија 21.03.2024 10:34

Европските берзи достигнаа рекордно ниво

Европските берзи достигнаа рекордно ниво

На европските берзи во четвртокот претпладнето цените на акциите достигнаа рекордни нивоа, следејќи го вчерашниот раст на Волстрит, додека инвеститорите ги чекаат одлуките на британската, швајцарската и норвешката централна банка.

Индексот STOXX 600 на водечките европски акции во првиот дневен пресек на тргувањето порасна за 0,9 отсто и достигна рекордно ниво. Истовремено, лондонскиот FTSE индекс скокна за 1,17 отсто, на 7.828 поени, додека франкфуртски DAX порасна за 0,82 отсто, на 18.160 поени, а париски CAC 0,66 отсто, на 8.215 поени.

Цените на акциите пораснаа и на азиските берзи. MSCI индексот на азиско-пацифичките акции, без јапонските акции, во истиот период од тргувањето во Европа порасна за 1,5 отсто. Истовремено, на токиската берза индексот Nikkei скокна за 2 отсто, на ново рекордно ниво, додека цените на акциите во Австралија, Хонгконг и Јужна Кореја пораснаа меѓу 1,1 и 2,4 отсто. Во Шангај, пак, благо паднаа.

Инвеститорите беа охрабрени од вчерашниот раст на Волстрит. Dow Jones зајакна 1,03 отсто, додека S&P 500 порасна за 0,89 отсто, а Nasdaq индексот 1,25 отсто. Очекувано, челниците на американската централна банка (Fedral Reserve – Fed) ги оставија каматните стапки непроменети во опсег од 5,25 до 5,50 отсто по дводневната седница.

Сепак, инвеститорите беа охрабрени од потврдата на централната банка на проценките дека би можеле да ги намалат каматните стапки трипати оваа година, и покрај зголемената инфлација во САД во јануари и февруари. Претседателот на Fed, Џером Пауел, го потврди ова на прес-конференцијата.

Порастот на инфлацијата во првите два месеци „не ја промени целокупната слика, а тоа е дека инфлацијата, иако со пречки на патот, постепено се спушта кон целното ниво од 2 отсто“, посочи Пауел.

По седницата беа објавени нови прогнози на шефот на Fed, при што ја зголемија проценката за економскиот раст годинава од претходните 1,4 на 2,1 отсто. Додуша, тие ја зголемија и проценката за просечна инфлација оваа година од претходните 2,4 на 2,6 отсто, но тоа не ги загрижи инвеститорите бидејќи челниците на Fed, сепак, веруваат дека би можеле да ги намалат каматните стапки три пати оваа година за по 0,25 отсто.

Инвеститорите денеска ќе се фокусираат на одлуките и пораките на британската, швајцарската и норвешката централна банка. ()